„Државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат за граѓаните. На граѓаните им е потребен фокус на нивните реални проблеми и предизвици, создавање стабилен и професионален здравствен систем кој ќе биде во функција на секој граѓанин, создавање образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски трендови“.
Ова, меѓу другото, пред пратениците во Собранието го порача премиерот Христијан Мицкоски за време на изборот на новата Влада, ставајќи акцент на двата витални сектори кои долги години се соочуваат со хронични проблеми – здравството и образованието.
Како што е познато, старо-нов министер за здравство ќе биде Арбен Таравари, доктор кој доаѓа од коалицискиот партнер ВЛЕН, додека по долгогодишно управување на образованието од страна на ДУИ, кој имаше и министер и заменик-министер за образование, во следниот период овој ресор ќе го управува кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за универзитетската професорка Весна Јаневска, која во изминатиот период ја предводеше партиската комисија за образование во рамки на ВМРО-ДПМНЕ. Поточно, таа е доктор на науки на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје, специјалист по патологија.
Во нејзината биографија навела дека од 1990 година работи во Институтот за патологија на Медицинскиот факултет, каде ја реализира професионалната кариера почнувајќи од специјалист патолог, асистент, доцент, вонреден професор, а од 2011 година станува и редовен професор на Катедрата по патологија.
Од 2009 -2010, пак, била визитинг професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во 2009 година предавач на „International Pristina Summer Unuversity“ во Приштина. Од 2005 до 2009 година таа била претседател на Здружението на патолози на Македонија.
Потоа, нотирала и 48 кратки престои, работилници, симпозиуми, курсеви и конгреси од областа на патологијата, од кои 18 се во странство, и тоа во Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија, Африка. Автор и коавтор е на повеќе стручни и научни трудови објавени во интернационални и домашни списанија.
Воедно, учествувала во повеќе домашни и меѓународни научно-истражувачки проекти. За исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита добитник е на наградата Повелба „Др Трифун Пановски“ што ја доделува Македонско лекарско друштво.
Но, што се однесува до нејзината политичка кариера и извршувањето на јавни функции и должности, таа единствено навела дека била пратеник во Собранието на Република Македонија од 2006 до 2008 година, како и член на собраниската Комисија за соработка со Бугарија.
Она што го нема во биографијата на Јаневска е фактот што таа беше в.д. претседател на ВМРО-Народна партија, која се формираше во 2004 година од страна на приврзаници на актуелниот лидер на оваа партија Љубчо Георгиевски, по кулминацијата на конфликтот меѓу него и неговиот наследник на врвот на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Груевски.
–Денеска се случи вистински историски чин – ВМРО-НП и официјално стана најголемата опозициска партија. Тоа значи дека Македонија по 2 години доби вистинска опозиција и вистински опозициски пратеници. Дури сега власта ќе го почувствува опозициското дејствување и конечно ќе добие вистинска контрола… – говореше Јаневска во 2005 година, кога НП ја добиваше битката со ДПМНЕ за превласт во рамки на опозицијата.
За потсетување, веќе во следната 2006 година ВМРО-ДПМНЕ на Груевски победи на парламентарните избори и формираше Влада со НСДП на Тито Петковски и ДПА на Мендух Тачи, успевајќи да ја заобиколи победничката партија во албанскиот блок – ДУИ, а поддршка за ваквата анти-ДУИ операција тогаш даде и ВМРО-НП.
Една година подоцна, односно во 2007 година, се одржа првиот Конгрес на ВМРО-НП, на кој Ѓорги Трендафилов ја победи противкандидатката Јаневска, дотогашна в.д. претседателка на партијата и републичка пратеничка, по што таа и Валентина Божиновска ја напуштија пратеничката група на НП и почнаа да делуваат како независни пратенички.
Вусшност, тоа беше преодна фаза кон целосно префрлување кон ВМРО-ДПМНЕ на Груевски. Па така, за време на неговото владеење, Божиновска беше претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници, а Јаневска стана претседателка на Пописната комисија во 2011 година.
На само еден ден од почетокот на пописот, Јаневска поднесе оставка, обвинувајќи дека се подготвува фалсификат. Иако пописот започна, сепак, тој никогаш не се заврши, од причина што власта одлучи да го прекине. За пропаднатиот попис истрага отвори и СЈО, но изостана обвинение против Груевски и Али Ахмети.
Покрај тоа, Јаневска имаше и неуспешен обид да стане ректор на УКИМ во 2012 година, и покрај тоа што имала силна поддршка од министерот за образование и труд и социјала во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски, кој, исто како и Јаневска, своевремено бил дел од ВМРО-НП.
Оттука, Јаневска не успеа да стане избран претседателка на ВМРО-НП, не успеа да го истера целиот мандат на чело на Пописната комисија, не успеа да стане ниту ректор на УКИМ, но тоа што застана на чело на партиската комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на Мицкоски го трасираше нејзиниот пат до функцијата министер за образование.
–Немаме намера да импровизираме во образованието. Имаме првичен и добар план за промени кои се креирани врз база на темелна анализа на моменталните состојби, во консултации со стручни лица и пошироката популација. Така што, од сите чинители на воспитно – образовниот систем очекувам поддршка за процесите кои предвидуваат крупни промени. Секако, во меѓувреме секоја сугестија ќе биде добредојдена – рече таа при преземањето на функцијата.
Влатко Стојановски