Во Карпош секој е важен, ние ќе се фокусираме на секој индивидуален граѓанин и целни групи на граѓани во нашата општина, изјави Душко Весковски, кандидат за градоначалник на Карпош од СДСМ.
-Младите се нашата иднина. Отвораме нов Младински центар, Креираме локална младинска стратегија, отвораме Канцеларија за млади, буџет за млади, субвенционираме еколошки превоз за млади, електронски уреди, Карпош ФИТ, стипендии за најдобрите ученици и поддршка на практичната работа, стипендии за ученици од семејства во социјален ризик и еднородителски семејства – рече Весковски.
Тој додаде дека за децата од предучилишна и училишна возраст предвидуваат обезбедување и одржување здрава средина за раст, отворање можности за образование во современо опремени училишта. Воедно, Весковски истакна дека внимаат и родова еднаквост.
-Доследна примена на државните политики за родова еднаквост и верификација и признавање на квалитетите, заложбите и успесите на жените во Општина Карпош, преку формирање на Совет на жени и поддршка на жените од ризични групи, особено олеснување на секојдневниот живот на самохраните мајки со изготвување и спроведување проекти во соработка со НВО што се занимаваат со оваа проблематика – рече тој.
Весковски посочи дека за лицата во социјален ризик и лица со попреченост обезбедуваат поддршка и помош во соработка со државните институции, Црвениот крст, невладини организации и други засегнати страни. За пензионерите, пак, ветува Форум на пензионери за редовна комуникација.
-За културните и просветни работници обезбедуваме постојана финансиска поддршка на наставниците, за обезбедување нагледни материјали и дигитални алатки, за учество на обуки и семинари, за подготвување и поднесување апликации за грантови за реализација на проекти за унапредување на образовниот процес. А за културните работници кои се нашиот прозорец кон светот, креаторите на трајни вредности ќе формираме Општинскиот центар на културата – посочи тој.
Тој се осврна и на претприемачите и бизнис-секторот, за кои се предвидува, како што рече, широка платформа за поддршка и нивно партнерско вклучување во креирањето и спроведувањето на политиките преку Деловен развоен центар.