Економскиот развој е зависен од инфраструктурата, па затоа акцентот е ставен на инвестиции во неопходната инфраструктура, но не го запоставуваме и бизнис-секторот, како и поттикнувањето на сопствени бизниси, истакна кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош Душко Весковски.
-Нашата политика во периодот до 2025 година е фокусирана на економскиот развој на Карпош, преку зголемување на соработката со бизнис-секторот и претприемачите, како главни двигатели на економијата. Во оваа сфера посветено ќе работиме на создавање можности за вработување и поттикнување на младите за основање сопствени бизниси – рече Весковски.
Тој додаде дека развојот на економијата зависи од инфраструктурата и затоа, како што рече, акцентот ќе биде ставен врз инвестиции во неопходна инфраструктура за дисперзирањето и хуманата планска урбанизација кон Злокуќани и Бардовци.
-Во таа смисла, клучни инфраструктурни проекти се изградба на мостот од ул. „Љубљанска“ – Карпош 4, преку Вардар кон Бардовци, како и изградба на клучката кај Момин Поток, кои се реализираат во соработка со Град Скопје – посочи Весковски.
Притоа, тој најави редовна реконструкција на општинските улици, обновување и проширување на водоводната и канализациската мрежа, редовното одржување и обновување на постојната и поставување нова урбана опрема, како и етапно заменување на сите улични светилки со лед „паметни“ светилки.