Пановски за „Фокус“: Нема логика починатите од ковид да се држат во затворени сандаци

by Fokus

Последните десетина дена, една од темите која се отвори, а која предизвика голем интерес во јавноста е дали пациентите починати од опасниот Ковид 19 можат да бидат преносители на вирусот, со оглед на тоа што повеќе од година ипол овие пациенти се погребуваат во вреќи и затворени сандаци, за да не се „заразат“ нивните најблиски, како и тие кои присуствуваат на погребот.

Првично, тоа не преставуваше никаков проблем за најблиските на починатите, кои покрај големата болка, која ја доживуваат, не се спремни, како што велат ако се такви протоколите, да загубат уште еден член од семејството. Но, како што поминува времето, така перспективите се менуваат, па се поголем број на граѓани бараат објаснување дали тоа има логика и како ако некој веќе починал и не дише, може да ја пренесе болеста.

Дали луѓето кои умреа од ковид можат како мртви да го пренесат вирусот??Нели не дишаат…?Го прашувам тоа заради начинот на кој ги погребавме нашите сакани …не ги видовме, во вреќи , затворен ковчег со недостоен начин на простување ,….алишта и сите работи спакувани во торбички и ставени над ковчегот ….тоа боли,премногу боли…незнам дали повеќе боли смртта или начинот на кој ги испративме НЕДОСТОЈНО – прашува 40-годишна жена, која ја изгубила својата мајка.

Но, таа не е единствената, која го поставува ова прашање. На нејзиниот коментар се надоврзаа уште стотина други граѓани, кои ја објаснија целата голгота што ја поминале.

„Татко ми беше во болница два месеци, едвај се слушавме, а нормално не смеевме да се видиме. Ни се јавија дека починал, нели како се тоа да е најнормално и на крај добиваш затворен сандак во кој внатре во вреќа е телото на твојот најблизок. Морбидно и жално– вели 36-годишна неготичанка.

Сите, кои загубивме драги луѓе живееме во истиот кошмар. Сепак, кога погребална служба зема толку пари треба достојно да ги погребува. Сепак, сме луѓе, не животни. Но, кој се грижи за жувствата на луѓето, кои цел живот остануваат да живеат во трауми – вели 54-годишен гевгеличанец.

Од друга страна, и лекарите тврдат дека шансите некој да се зарази од починат пациент, кој бил болен од корона се минимални.

За оваа болест не се предвидени лимени сандаци, тоа самите погребални претпријатија си го измислија за да земат повеќе пари, а власта срамно си молчеше. Кога ги прашаа пред година дена, рекоа дека тоа не е протокол. Од тогаш, мислам дека нема лимени сандаци, односно не се инсистира на нив. Знам дека сандакот не смее да се отвора и мислам дека не се изложува во капела, туку директно се оди на гробишта. Барем, така е на погребите на кои јас сум присуствувал. Немаше ограничувања на бројот на присутни. За вреќите мислам дека се користат за транспорт од болница до капела. Потоа, не знам дали со вреќата го ставаат телото во сандак. Шансите, умрен човек да пренесе ковид на здраво лице се минимални. Можеби е во ред да не се дава телото на фамилијата, но нема логика да не им се дава да го видат од дистанца со заштита“. објаснува во изјава за „Фокус“, микробилогот Никола Пановски.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости