Во тек е вештачењето на автобусот кој се преврте во близина на селото Ласкарци, при што загинаа 14 лица, а над триесет се здобија со тешки телесни повреди. Остатоците од автобусот веќе се пренесени во касарната во Ѓорче Петров, а од Обвинителство велат дека вештачењето ќе трае неколку дена.
Од Јавното обвинителството вчера соопштија дека првичниот разговор со возачот не понудил релевантни информации. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак најави дека со него ќе биде извршен уште еден разговор во полициска станица.
За јавноста е познато само она што го раскажаа патниците во автобусот. Најрелеватно е можеби сведоштвото на патник кој се обидувал да му помогне на возачот во моментот кога приметил дека нешто не е во ред и дека возачот не успева да го држи правецот.
-Бев седнат на третото седиште, на другата страна на возачот. Приметив дека нешто почна да тропа на автобусот и дека нешто не е во ред. Станав на нозе и си помислив да не заспал или нешто друго се случило. Го видов возачот беше стегнат за воланот, се потрудив да скокнам кај него да му помогнам да го држи правецот, но во тој момент го изгуби правецот и помина на другата лента. За среќа немаше други возила, се стегав за седиштето и само го памтам моментот кога автобусот удри во асфалтот. Паметам дека во моментот кога застана автобусот излегов преку прозор и имам повреда само на раката – изјави еден од патниците во автобусот на компанијата „Дурмо турс“.
Петмина од патниците се уште се наоѓаат во критична состојба. Тројца се хоспитализирани на скопските клиники, а двајца во Градската Општа Болница „8 Септември“. Бројката на починати останува 14. Меѓу нив повеќето се млади луѓе и студенти. Најмладиот имал 19 години, додека најстарата жртва бил 66-годишен пензионер.
Жителите на село Ласкарци кои се обиделе да им помогнат на повредените, раскажуваат дека прво ги извадиле безживотните тела настрана и дека ја чекале брзата помош. Од соседните села бил побаран багер со кој го кренале автобусот. Од двете страни на прозорите имало набиени тела, па автобусот не можел да се сврти на ниту една страна освен да се поткрене за да им се помогне на повредените.
-Тешко е да се опише со зборови тоа што го видовме. Видовме луѓе кои беа зарабени од половина надоле. Но имаше и такви на кои главата им беше долу и без знаци на живот. На преживеаните им дадовме помош колку што можевме. Патниците беа заробени и од двете страни на прозорците, немавме можност да го превртиме автобусот, ни налево, ни надесно. Единствениот начин беше автобусот да се крене горе за да се извадат патниците – вели Седат Ќазими за телевизија 21.
Она што е засега познато е дека од се уште непознати причини автобусот нагло свртел лево и влегол во брзата лента. Потоа ги пробил банкините кои го делат коловозот и преминал во лентите на кои се вози во спротивен правец. Удрил во уште една банкина од автопатот и се истумбал на регионалниот пат кој води до Сарај, по што завршил во нива.