Верушевски бил повикан на увид во доказите, исказ за „Пуч“ ќе дава наредната недела

by Фокус

Околу 10 часа јавен обвинител му  презентирал доказите на Верушевски кои полицијата ги обезбеди во акцијата „Пуч“. Неофицијално, имало преку 200 страници писмени материјали, дел од нив пронајдени во семејните компјутери. Му биле презентирани и писмото кое лидерот на СДСМ, Заев го имал испратено до него, политичките анализи, материјлите за кои надлежните се сомневаат дека имал намера да ги испрати во странство.

Верушевски ги разгледал доказите, а исказ ќе дава во текот на наредната седмица. Вчера само му биле покажувани сите докази врз кои ќе се темели обвинителниот акт. Сега тој има неколку денови да ја подготви одбраната. По презентирањето на доказите на Верушевски, сега се очекува истото да се направи и со Заев. Најверојатно и тој прво само ќе ги погледне, а дури потоа ќе подготви исказ.

Надлежните се во обид да докажат дека Верушевски заедно со неколкумина од УБК обезбедувале прислушувани материјали кои завршувале кај странски служби, но и кај Заев. Откако осомничените ќе дадат исказ највероајтно истрагата за досието „Пуч“ ќе заврши. Дилема е дали обвинителството како сведок против Верушевски и Заев ќе го користи последниот обвинет Ѕвонко Костовски кој ја признал вината и се согласил на три годишна затворска казна? Дали истото ќе се случи и со Ѓорѓи Лазаревски, еден од осомничените?

Фокус веќе обајви дека Заев и Верушевски инсиситраат кај обвинителите акцијата „Пуч“ да се истражува паралелно со случајот со прислушувањето затоа што само така може да се утврди кој навистина го уривал уставниот поредок и кој нелегитино ја води државата? Очигледно станува дека власта брза со едниот случај, додека другиот го развлекува. „Пуч“ веќе финишира со истрагата, а скандалот со прислушувањето како да тапка во место. Обвинителството до сега само објави дека побарале да пристигнат експерти на Европската Унија за да го набљудуваат процесот и дека биле ангажирани 17 обвинители. Но тоа за сега не уверува дека истрагата за прислушувањето напредува.

Практично, обвинителството е веќе натрупано со кривични пријави кои ги поднесува опозицијата против високи државни функционери. Поднесени се десетици кривични за кои обвинителството се уште не се изјаснува, а нема абер некого да приведе. Карактеристично е тоа што обвинителството за случајот од време на време ќе пласира по некое штуро соопштение, но никогаш не излезе јавно да соопшти како ќе ја проверува автентичноста на прислушуваните разговори, зошто тоа до сега не е направено, зошто ниту еден од министрите или премиерот не е повикан на исказ, како ќе се справи со досието кога јасно стана дека власта местела судии и обвинители?

Обвинителството до сега, ако беше ажурно и објективно, ќе провереше дали е точна верзијата на власта дека разговорите се креирани или пак дека се автентични со што ќе го отвореше патот да апси, да покрене обвиненија, а со тоа да ја делегитимира власта.

 

 

 

Поврзани новости