Алтхаузер: Македонија политички назадува, а тоа нема да се спречи ако се уништи демократската опозиција

by Фокус

Вашата земја треба да вложи сериозни напори за да ја задржи препораката за почеток на преговори со ЕУ,  вели германската амбасадорка Кристине Алтхаузер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Независноста на судството треба да биде гарантирана. Кризата во исто време нуди уникатна шанса за македонските власти и институции и вистински предизвик и шанса што се појавува еднаш во животот да го покажат својот капацитет и посветеност на демократските стандарди, додава Алхаузер.

Како гледате на политичката криза во Македонија поврзана со полициската акција Пуч и аферата прислушување што ја објави опозицијата?

Ви благодарам на прашањето и ви благодарам што дојдовте. Ние навистина сме многу загрижени за кризата која, од наша гледна точка, е комбинација од политичкото назадување на кое сме сведоци во последните години во земјава, така што со гонење на господинот Зоран Заев и другите обвинети луѓе, функционирањето на опозицијата, демократската опозиција се става под знак прашалник.

Така што, ние ги повикуваме македонските власти, да ги разрешат овие сериозни обвинувања, на фер, транспарентен начин во суд со меѓународни правни стандарди и пракса, меѓу кои пресумпцијата на невиност е од круцијално значење. Независноста на судството треба да биде гарантирана. Кризата во исто време нуди уникатна шанса за македонските власти и институции и вистински предизвик и шанса што се појавува еднаш во животот да го покажат својот капацитет и посветеност на демократските стандарди и на крајот би сакала да кажам дека германската амбасада заедно со нашите меѓународни партнери во ЕУ и останатите ќе продолжиме одблиску да ги следиме случувањата, она што се случува во земјата.

Ние одблиску ќе ги мониторираме идниот развој на настаните, вклучувајќи ја работата на судството и на правните институции во земјава.

Поврзани новости