Верификуван мандатот на Емилија Рамбабова, мнозинството пак има вкупно 62 пратеника

by fokus

Собранието попладнево на седница и го верификуваше мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова од коалицијата, која доаѓа на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Во салата беа присустни 63 пратеници, а за верификација на мандатот гласаа 61 пратеник.

Пратеникот Панчо Минов образложи дека заради застапување на рамноправноста во Собранието е предложена Рамбабова да дојде на местото на министерката Шахпаска.

Со верификацијата на мандатот на Рамбабова, владејачкото мнозинство има повторно вкупно 62 пратеника. Во Собранието денеска беше и пратеникот Арбен Зибери, кој беше заболен од корона вирус, но последниот тест му беше негативен.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги информираше пратениците дека пратеникот Зибери имал два негативни теста и оти според новиот протокол на Комисијата за заразни болести нема решение за изолација.

– За тоа сум обврзан да ве информирам, рече Џафери притоа посочувајќи дека самиот пратеник Зибери се обратил до него и доставил решение дека е слободен да дојде во Собранието.

Пратеникот Скендер Реџепи од „Алтернатива“ побара разрешување на антикорупциската комисија бидејќи не постапува по случаи на судир на интереси и го обвини вадејачкото мнозинство за, како што кажа, „криминализирање на институциите ДИК, МВР“, но и институтот пратеник.

-Човекот кој требаше да биде изолиран му дозволивте без никој да го види да го даде својот глас. Тоа е лоша порака, рече Реџепи, додавајќи дека Зибери тоа го сторил кога гласал за составот на Влада.

Претседателот на Собранието објасни дека верификацијата на мандатот не е прашање на мнозинството, туку е уставна категорија.

Собранието претходно денеска со 98 гласа „за“, четири „воздржани“ и ниту еден глас „против“ ја усвои одлуката за изборот на составот на работните тела на Парламентот, предлог кој е усогласен со координаторите на сите пратенички групи.

Поврзани новости