Хронично болните, родителите на деца до шест години и оние со продолжено породилно од 23 се враќаат на работа

by fokus

Хронично болните, лицата кои користеле продолжено породилно отсуство и родителите на децата до шест години од среда, 23 септември треба да се вратат на своите работни места, одлучи Владата на денешната седница.

Во однос на хронично болните, исклучок од оваа категорија ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таквата потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување.

Од среда, 23 септември, на работа треба да се вратат и лицата кои користеле продолжено породилно отсуство. Можноста за користење на оваа мерка за продолжено породилно отсуство престанува да важи.

-Останатите вработени лица кои во моментот се оправдано отсутни од работа поради користење редовно породилно отсуство, да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи веднаш по истекот на породилното отсуство, гласи одлуката.

На работа од 23 септември ќе треба да се вратат и родителите чии деца се до шестгодишна возраст, имајќи предвид дека детските градинки почнаа со активности за згрижување на децата.

Поврзани новости