Македонскиот писател и книжевен теоретичар, Венко Андоновски во интервју за „Фокус“ говореше за состојбите во кои се наоѓа нашиот јазик, по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик и денот кога во 1945 година Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Како што истакна тој, никој од надвор не може да му наштети на нашиот јазик, затоа што како што вели, јазикот е мајчино млеко.
„Македонскиот јазик се наоѓа во одлична состојба во книгите на писателите, во многу добра до добра состојба кај народот, во доволна состојба по медиумите, во доволна до недоволна состојба кај политичарите, бизнисмените и другите општествени личности. Но, јазикот не е само граматика и правопис. Јазикот е и способност да се мисли светот, во духот на еден јазик, култура и народ. Во таа смисла, нашиот јазик се повеќе, наместо за мислење и изразување автентични чувства, се претвора во алатка за навреда, клевета и дискредитација на различниот. Таа состојба на „филозофијата“ на еден јазик, наспроти граматичката е многу поважна за „здравјето“ на еден јазик. За жал, таа е незадоволителна. И конечно: во таа филозофија се повеќе доминира китењето со туѓо перје – таканаречените интернационализми и посебно англицизми. За среќа, главно се однесуваат на техниката и сочинуваат технички вокабулар“, ни порача Андоновски.
Писателот додава дека јазикот ќе исчезне само кога ќе исчезне и последниот говорник на тој јазик.
„Никој однадвор не може да му наштети на еден јазик, посебно на таков во кој се родиле и се развивале еден Конески, Чинго, Петре Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски. Јазикот е место на нашето второ раѓање, по она во акушерската клиника. Тој е и мајчино млеко. На јазикот можат да му пресудат само АДМИНИСТРАТИВНО луѓе одвнатре, кои плукнале на мајчиното млеко. Никој однадвор не може. И да се укине со закон еден јазик, останува националната и духовна меморија складирана во секој збор, во секој пишан или запомнет текст на тој јазик. Тоа не треба да не загрижува: јазикот исчезнува дури кога ќе го снема последниот говорник на тој јазик. Се друго може да исчезне и преку ноќ“, додава писателот.
Андоновски ни посочи и со кои алатки би можел да се сочува и негува нашиот македонски јазик.
„Со љубов и секојдневно практикување на тој јазик, со тестирање на можностите на тој јазик, со развивање на неговата чувственост и капацитети за изразување на она што тешко се изразува. На ниво на секој од нас, обичните луѓе тоа би значело: пробајте секој ден да најдете „втора реченица“ за вашата омилена реченица, да ја замените со варијанта. Не употребувајте клишеа, иновирајте со зборовите. Не го закостенувајте јазикот во јазични навики“, го заврши разговорот тој.
Фото – Томислав Георгиев
Јорданчо Цветаноски