Велика Британија мина низ тешки 12 месеци и проблемите нема да исчезнат во 2023 година, но крунисувањето на кралот Чарлс Трети ќе помогне да се обедини земјата, изјави денеска британскиот премиер Риши Сунак во своето новогодишно обраќање.
Сунак рече дека Велика Британија претрпе „тешки економски последици“ оваа година поради војната во Украина.
Тој додаде дека неговата влада донела „тешки, но праведни одлуки за да го стави долгот под контрола“ и да им помогне на Британците да се справат со финансиската криза предизвикана од вртоглавото зголемување на цените.
Сунак не зборуваше за политичката криза во земјата годинава. Поранешниот премиер Борис Џонсон поднесе оставка во јули по серија скандали, а неговата наследничка Лиз Трус поднесе оставка по помалку од два месеци на функцијата.
Економската и политичката ситуација се смири, но Сунак сè уште треба да се справи со забавената економија, штрајковите на работниците и проблемите во Конзервативната партија, која ја губи поддршката од народот по 12 години на власт.
– Нема да се преправам дека сите наши проблеми ќе исчезнат во новата година, рече тој, додавајќи дека Велика Британија „гордо ќе се обедини“ во сè што ја прави земјата голема на церемонијата на крунисувањето на Чарлс Трети.