Велика Британија го казни Фејсбук со 500.000 фунти

by fokus

Велика Британија го казни Фејсбук со 500.000 фунти поради неговата улога во скандалот кој избувна  во врска со кражбата на личните податоци во кој беше вплеткана и британската фирма за политички консалтинг Кембриџ Аналитика, јави денеска Би-Би-Си.

Канцеларијата на Комесарот за информации заклучи дека Фејсбук дозволил сериозно „кршење на законот”.

Казната е максимално дозволената, според старите правила за заштита на податоци, кои биле во сила до стапувањето на новиот закон, ГДПР, во мај.

Канцеларијата на Комесарот за информации посочува дека Фејсбук им дозволил на програмерите да пристапат до личните информации на корисниците „без нивна јасна согласност”.

„Помеѓу 2007 и 2014 година,Фејсбук неправилно обработил лични податоци на корисниците, дозволувајќи им на развивачите на апликации да пристапуваат до нивните податоци без нивна јасна и информирана согласност и дозволил пристап дури и ако корисниците не ја преземале апликацијата, туку едноставно биле „пријатели “со луѓе кои тоа го сториле “.

„Фејсбук, исто така, пропуштил да обезбеди личните податоци да бидат безбедни, бидејќи не спровел соодветна проверка на апликациите и програмерите кои ја користеле неговата платформа”.

Фејсбук објави дека „ја разгледува” одлуката на Канцеларијата на Комесарот за информации.

„Иако, со должна почит, не се согласуваме со некои од нивните заклучоци, и претходно кажавме дека сме требале повеќе да сториме за да ги испитаме обвиненијата против Кембриџ Аналитика и да преземеме мерки во 2015 година, соопшти компанијата.

Поврзани новости