На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеа припадници на интервентната полиција при СВР Скопје.
Првиот сведок раскажа како на 3-ти декември 2023 година го земале осомничениот Велибор Манев од полициската станица Кисела Вода и требало да го однесат до Велес. Тој пак таму им покажал каде е закопан убиениот Жежовски.
-На 3 ти декември тргнавме кон Велес. Во моето возило беше Велибор Манев. Прво се возевме, а потоа одевме пеш по земјен пат. Велибор на колегите од СВР Велес им посочи: ,,Тука е местото, тука има закопано човек”. Местото беше покриено со гранки. По 15-тина минути го вративме Велибор во полициската станица, рече полицаецот, кој појасни дека нивна задача бил спроводот на Манев од Скопје до местото Кула и назад.
За истото сведочеше и негов колега. Тој појасни дека патот каде да се движат им го покажувал осомничениот Манев.
-Тој ни ги покажуваше насоките на движење, односно како да стигнеме до местото. Кога заврши патот, продолживме по земјен пат пешки, сведочеше полицаецот.
Тој дополни дека додека колегите од СВР Велес копале, Манев стоел до нив, но не зборувал. Ниту на враќање до Скопје не правеле муабет.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Валентина Вурмо