Немав време за размислување, инстинктот веднаш направи да реагирам. Излегов од колата, ја фатив жената која сакаше да скокне од оградата на мостот. Дојдоа минувачи, повикавме полиција – за ,,Фокус” раскажува велешкиот градоначалник Марко Колев, за вчерашниот случај, кога враќајќи се од работа спасил жена која сакала да се фрли во реката Вардар.
Ја забележал случајно и во тие моменти само сакал да ја спаси. Додава дека го направил она кое секој друг на негово место би го сторил. Се нашол на вистинското место во вистинско време, реагирал, и се надева дека жената ќе биде добро.
За неа пак, велешани раскажуваат дека имала тешка судбина. Била на возраст од околу 60 години, а одамна го изгубила синот. Тој бил удрен од возило и починал на самото место, но мајката не ја надминала трагедијата.
-Се сеќавам на случајот, пред повеќе години беше. По некоја случајност, дури и знам каде и е закопан синот, би требало да е мој врсник, не ме држете за збор. Полицијата ги има сите детали за она кое се случи вчера. Дел од секунда беше, да немаме вакви настани повеќе – вели Колев.
Откако стапи на функцијата градоначалник, често добива пофалби од своите сограѓани, најмногу поради човечноста и тоа што е достапен за сите жители кои имаат некаква мака. За ,,Фокус” вели дека се труди зад себе да остави позитивен белег и да биде запаметен по добро кај велешани.
Вики Клинчарова