Вечерва во Велес започнува 14-та традиционална манифестација посветена на специјалитетот на градот, питата пастрмајлија и виното. Во наредните три дена градот на Рацин ќе биде домаќин на многу гости кои ќе имаат можност да уживаат во питите, кои ќе се нудат по цена од 150 денари и виното, по цена од 30 денари, но и во богатата музичка програма со домашни изведувачи.
Од општината, која е организатор на настанот, велат дека освен добра забава, пастрмајлијадата ќе биде и настан на кој ќе се стави акцент и на хуманоста.
Градоначалникот Аце Коцевски за ,,Фокус” открива дека на многубројните штандови ќе бидат поставени кутии за донации, со цел да му се помогне на 14 годишниот Кристијан Андреев од Велес, кој мора да замине на лекување во Турција.
-На вакви денови, не смееме да заборавиме на човечноста. Кристијан е младо момче кое има многу тежок облик на аутизам и епилепсија, и мора да замине на скапо лекување на клиника во Турција, а родителите не се во можност сами да ги покријат трошоците. Решивме да поставиме кутии за донации, секој ќе може да донира колку што милува. Од ставката тековни резерви, ние од општината одвоивме 50.000 денари за неговото лекување, верувам дека и граѓаните ќе бидат хумани и ќе подадат рака. На момчето му се закажани три сесии – операции на матични клетки во Истанбул, кои чинат 38.600 евра. Тоа е висока сума, и апелирам на сплотеност, со цел да му се помогне на Кристијан и на неговото семејство. Да се забавуваме на манифестацијата, но во исто време да бидеме и хумани – ни изјави градоначалникот.
Додава дека за Кристијан се отворени и телефони за донации, како и жиро сметки. 070 143 161 за корисниците на Т – мобиле, 143 463 за ВИП и на жиро сметки 210 7000006478-05 за Македонија, и IBAN CODE MK 07210501699259629 SWIFT TUTNMK22 NLB BANKA AD SKOPJE може да се донира.
Пред неколку недели, во интервју за ,,Фокус” Коцевски изјави дека годинава наместо скапо платените музички ѕвезди од соседството, во Велес ќе настапат само домашни изведувачи.
-Не може асфалтите да ни бидат со дупки, а за Здравко Чолиќ, на пример, да се одвои хонорар од околу 50.000 евра, како што беше случај лани – потенцираше Коцевски. Годишниот вкупен буџет за манифестацијата изнесувал 23.420 евра.
Вечерва, гостите на питијадата ќе ги забавуваат групите „Боеми“, „Виртуз“, „Баклава“, „Red Garden“, „Next time“ Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд и други. Во сабота свои настапи ќе имаат Младинскиот Црковен хор „Свети Кирил и Методиј“, КУД „Керамичар“, Црковниот хор „Свети Великомаченик Пантелејмон“, групата „Безмент плус експеримент“, Велешка Чалгија, Нино Величковски и „Кумановски тамбураши“, „Оркестар Агушеви“ и Џамбо Агушев, Лозано, Бени Шакири и други.
Во недела пак, за музичката програма се задолжени Слаткар, Дарио, Александра Јанева, повеќе велешки музичари, балетски групи и фолклорни друштва.
Вики Клинчарова