Во тек на вчерашниот ден во Велес беа регистрирани шест нови позитивни случаи на корона вирус. Според информациите објавени во локалните медиуми, едно од позитивните лица било вработено во голема фабрика, странска инвестиција близу Велес. Веста предизвика вознемиреност помеѓу жителите на Велес, но и на Кавадарци и Неготино, бидејќи не беше наведено името на фабриката, па се прошири шпекулација дали евентуално се работи за фабриката Дрекслмајер, каде работат голем број на лица од Велес, Кавадарци и Неготино.
Д-р Анастасија Иванова, која од неодамна е именувана на функцијата директорка во Центар за јавно здравје Велес, во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека новорегистрираниот пациент не работел во германската Дрекслмајер, туку станувало збор за друга странска фабрика.
-Не, не станува збор за Дрекслмајер. Не даваме такви информации, не можеме да ви кажеме за која фабрика точно се работи. Се утврдуваат контактите на позитивното лице, тоа е се што можеме да ви откриеме – изјави Иванова.
Јавноста реагира по повод објавувањето на делумни информации во врска со инфицираните лица. Се бараат детали, посебно кога станува збор за позитивни пациенти кои поради природата на својата професија имаат контакти со повеќе лица. Многубројните искуства кога позитивни пациенти давале лажи информации и криеле контакти, уште повеќе ги поттикнаа барањата на граѓаните да се објавуваат детални информации за новите случаи, особено ако се работи за инфицирани лица вработени во поголеми колективи или на места каде има голем проток на народ.
Вики Клинчарова