Веле Смилевски: Славко Јаневски е роден во Скопје пред 100 години и се уште нема улица со негово име!

by fokus

Оваа година се одбележуваат 100 години од раѓањето на македонскиот книжевен великан, Славко Јаневски.  Литературен деец со големо значење за македонската книжевност и јазик, добитник на голем број признанија, ценет писател во и надвор од Република Македонија.

Поетот и некогашен претседател на Друштвото на писателите, Веле Смилевски со многу емоции се сеќава на средбите со Славко Јаневски и миговите кои ги поминале заедно.

Како што вели Смилевски, делото на Јаневски е редок творечки проблесок во современата македонска литература.

„Славко Јаневски е крупно име во современата македонска литература. Како поет, романсиер, раскажувач, сценарист, патописец и публицист Јаневски создаде опус кој е цврсто вграден во развојните процеси на нашата книжевност во период од цели шест децении. Неговите творечки љубопитства и резултати означија еден од естетските врвови, чии вредности опстојуваат и се потврдени од судот на времето, за што сведочи и сегашното одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот. Тој е писател со изразити сопецифики и вредности, но и извонреден сликар. Интересно е дека оваа релација на творечките светови малкумина ја спомнуваат. Имено, Јаневски на најубав можен начин ги спои уметноста на поезијата и ликовната уметност. Богатите инспиративни текови на поетот Јаневски ја најдоа смислата на својата разгранетост во допирот со длабоките значенски вирови од сликите на Бош, Бројгел, Леонардо, Ел Греко, Модилјани, Шагал, Дали, до Мартиноски и Величковиќ. Во таквите стихови поетот е понесен од сподвижниците на тркалото на историјата на човековата емоција, мисла и порака; тој ја носи идејата  во оската на тоа тркало да вгради дел од своите видувања и доживувања, настојувајќи во неа да го внесе своето Јас, својата личност, својот сензибилитет“, вели Смилевски.

Тие низ годините имале многу дружења и, како што вели Смилевски, ги чувствува како драгоцено искуство.

„Со Славко Јаневски ме врзуваат низа спомени од доменот на книжевниот живот. Иако претставници на различни генерации во повоената македонска литература (тој на првата, јас на четвртата), како писатели и уредници на издавачки куќи и списанија заеднички учествувавме и ја градевме литературната атмосфера што ја подразбираше нашиот заеднички дом Друштвото на писателите на Македонија.

Во живо сеќавање ми е соработката со Славко Јаневски во подготвувањето на неговата поетска книга „Оковано јаболко“ со колор-графики на ликовниот уметник Димитар Малиданов. Книгата се појави во издание на „Мисла“ во 1978 година, период кога јас работев како уредник на уметничка литература. Тие контакти ги чуствувам како драгоцено искуство“, додава македонскиот поет.

Сепак, Смилевски е разочаран што Славко Јаневски се уште не добил улица која ќе го носи неговото име.

„Житејски погледнато, Славко Јаневски беше вљубеник во егзотичните предели на  различни континенти, беше страсен ловец и боем со шмек. Во 1984 година заедно учествувавме на големиот меѓународен фестивал Варшавска поетска есен. Во Полска патувавме со воз и имавме можност за долги разговори. Интересно е да се спомене, како анегдота, се разбира, дека по завршувањето на поетскиот настап во Варшава, на седенката во хотелот која траеше до рани зори, поетот Вук Крњевиќ на салфетка напиша песна за шаловите на Славко Јаневски и Миодраг Павловиќ, а нешто подоцна Јаневски и Павловиќ, исто така на салфетки, напишаа по една песна за лулето на Вук Крњевиќ. Колку што се сеќавам, во една од нив беше речено дека нема аеродром во светот на кој не зачадило лулето на Вук Крњевиќ! Тоа беше само фрагмент од атмосферата на поетскиот брод кој во мирната ноќ пловеше кон изгрејсонцето. Славко Јаневски е роден во Скопје во 1920 година. Пред сто години. Скопје се уште нема улица со името на Славко Јаневски!“, порача Смилевски.

Во 2013 година, Комисијата за лустрација на Македонија објавила дека дошла до заклучок дека Славко Јаневски бил соработник на југословенските тајни служби.

„Тогаш Друштвото на писателите на Македонија жестоко реагираше за таквата ситуација. Како може Славко Јаневски, кој веќе беше починат, да работел за тајните служби? Тоа беа глупости, срамота“, го заврши разговорот 71-годишниот писател.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости