Во Изборниот законик, во членовите 161 и 162, е предвидено дека целиот изборен процес можат да го набљудуваат меѓународни организации и претставници на странски земји и регистрирани домашни и странски здруженија на граѓани во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права.
Во контекст на ова и согласно воспоставената пракса, претседателот Вељаноски, упати покани до претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Илка Канерва, претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Педро Аграмунт и претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Р. Тарнер, за намерата да учествуваат во набљудувањето на предвремените избори на пратеници во Собранието да ја известат Државната изборна комисија, која ја утврдува процедурата за вршење на набљудување на изборите.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски согласно уставните и законските надлежности, вчера потпиша Решение за распишување предвремени избори на пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат на 5 јуни 2016 година.