Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска се обрати пред пратениците на Комисијата за мандатно имунитетни прашања, кои денеска ќе треба да одлучат за одземање на неговиот имунитет.
Вељаноски ги образложи причините зошто се товари за терористичко загрозување на уставниот поредок, поради што Обвинителството побара да биде притворен.
-10 години сум бил претседател на ова Собрание, ни на крај памет не ми паднало да направам дејствие спротивно на деловникот, законот и собраниските процедури. Јас три мандати бев претседател на Собранието, искрено сакав да си заминам на пофин и понормален начин, а не со ваква случка – рече Вељаноски.
Тој ги наведе основите кои му биле наведени при неговиот распит и праша зошто обвинителство одлучува да го гони една година подоцна.
-Во јануари 2018 година бев повикан да дадам исказ во Обвинителство, од тогаш до денеска помина една година. За 33 лица веќе се води судска постапка која е во завршни зборови. Зошто после една година, не знам. Ако сум направил терористички акт, оставам на вие пратениците да одлучите – рече Вељаноски.