Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, соопшти дека денеска му била доставена оставка на премиерот Никола Груевски.
– Оттаму, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе постапувам во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски. Истовремено, имајќи ги предвид превземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија согласно договорот од 2 јуни 2015 година и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница – се наведува во соопштението од Вељаноски.
Тој се надева дека политичките лидери на Македонија ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој на државата.
– Верувам дека во периодот што следи ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на натамошно стабилизирање на вкупните прилики во државата – се наведува во соопштението од спикерот на Собранието.