Претседателот Трајко Вељаноски го свика Собранието и ја закажа 101 седница за денеска во 16 часот. Ова следува откако Уставниот суд ја прифати иницијативата на ДУИ за испитување на уставноста на распуштањето на Собранието и времено ги стопираше сите изборни активности.
-Како претседател на Собранието на Република Македонија, имајќи го предвид решението на Уставниот суд, У.бр.104/16 од 18 мај 2016 година, ја информирам македонската јавност дека врз основа на сопствените надлежности дефинирани со Уставот на државата, за денес, 18 мај 2016 година во 16 часот ја закажав 101 седница на Собранието на Република Македонија. Исто така, сакам да го изразам своето длабоко уверување дека натамошниот развој на демократските процеси во Република Македонија најдобро може да се оствари во Парламентот на Македонија заради што ги повикувам сите пратеници независно од политичката определба да земат свое активно учество, вели Вељаноски во своето соопштение.
Тој додаде дека единствено преку постојано надоградување на меѓусебните односи помеѓу сите релевантни чинители во државата, на најдобар можен начин ќе се помогне во насока на остварување на носечките македонски стратешки приоритети какви што несомнено се, членството во НАТО и ЕУ, унапредувањето на стратешките односи со САД, како и создавањето на сите неопходни претпоставки за економски, социјален и сеопшт развој на Македонија.