Ленин: Политичари кои правеле криминал треба да одат во затвор

by Фокус

Ленин Јовановски, основач и претседател на мотоклубот „Ноќни волци“ во Македонија, претседател на Мотоциклистичката федерација на РМ и еден вид икона на моторџиите во земјава, за „Фокус“ ги сподели своите ставови и размислувања за политичките случувања, аболицијата на политичарите осомничени за криминал, Шарената револуција, објавувањето на бомбите, обвинувањата дека во неговиот клуб се врши дискриминација на одредени групи граѓани, пријателството со рускиот лидер Владимир Путин… Тврди дека политичарите не може и не смеат да бидат привилегирани по однос на прекршување на законите во однос на кој било друг човек, кој случајно или намерно не е политичар, останува на ставот дека во нивниот клуб секогаш ќе важи правилото дека нема место за криминалци, па дури и тоа да се политичари, а околу бомбите вели дека се сомнева во вмешаност на странски фактор. Иако е познат како голем патриот, сепак не би се појавил на протестите на Шарената револуција да ги поддржи граѓаните што протестираат, бидејќи за него терминот револуција, без оглед на тоа дали е шарена или во која било боја, претставува братоубиствена војна.

разговара Вики Клинчарова

Фокус: Колку долго постои клубот „Ноќни волци“, колку членови брои и која е целта на неговото постоење?

Ленин: „Ноќни волци“ постојат од 31 мај 1989 година, кога клубот официјално се формира во Москва. Одделението на „Ноќни волци“ во Македонија се основа на 26 март 2006. Ние создаваме нова и поинаква мотокултура во нашата држава. Нашето членство е огромно и не се пребројува, наши одделенија има во Русија, Белорусија, Украина, Латвија, Македонија, Србија, Бугарија, Романија, Р. Српска, Црна Гора, Чеченија, Словачка, иницијативи за отворање нови одделенија има речиси во секоја европска држава, а наши поддржувачи веќе има секаде низ светот. Клубот се стекна со светски углед, како голем, силен и независен клуб со сопствен изглед и традиција. Моторот ни е симбол на слободата, а нашиот амблем е симбол на сеќавања, верност и чест.

Сите нас нѐ поврзуваат моторите, нашата љубов и пасија, но ние не сме класичен мотоклуб, ние сме големо братство, кое постои за да ја промовираме и браниме слободата, традицијата, верноста, честа, хуманоста и семејните вредности. Нашиот клуб во себе го носи борбениот дух на непобедливоста и патриотизмот, како одлика на сите луѓе во него. Преку нашето несебично братство ја гледаме можноста за обединување на словенското општество. Нашата крајна цел е обединување на словенските народи, на православието и сите што го поддржуваат тоа. Ние сме патриоти за кои животот нема вредност ако ја немаш слободата, нацијата, верата, браќата и семејството. Спремни сме да ги жртвуваме своите животи, своето богатство и привилегии во одбрана на нашите интереси, државата, семејството и достоинството, исто како што правеле нашите предци низ историјата на нашето постоење. Собираме генерации на млади луѓе за да бидат пример на цврстина, отпор и национална гордост. Ние сме братство кое во своите редови има луѓе со различен општествен статус, образование, материјален статус, работа, религија, различни и умствени и физички способности. Секој од нас во братството придонесува со тоа што најдобро го може, умее и знае. Не се мешаме во непознати области за нас, не се занимаваме со туѓи работи, живееме во сопствен и за нас драгоцен живот и не сакаме во него да им дозволиме пристап на тие што не ги гледаме како наши браќа или пријатели. Ние сме еден организам, еден човек – со раце, глава и срце. Во тоа е нашата сила.

Ние ги отфрламе сите пишани и непишани човечки закони, насочени кон лишување на човекот од нему својствените исконски слободи, но се трудиме да живееме по законите и заповедите, кои ни се оставени од нашите мудри предци. Дали ќе успееме или не – не можеме да судиме ниту ние, ниту кој било друг може да ни суди. „Ноќни волци“ се пронаоѓаат себеси како браќа и пријатели, а луѓето што ги имаат истите гледишта, сами нѐ пронаоѓаат нас. Сѐ е во суштина многу едноставно, нас не ни е потребен квантитет, ние сме во потрага по квалитетот кој го пронаоѓаме и покрај пречките, кои се испречуваат на нашиот пат како демони.
Ние не се сомневаме дека нашето уникатно братство, кое сами го создадовме и ќе постои и тогаш кога на овој свет ќе нѐ нема нас – денешните „Ноќни волци“. Ние воспитуваме потомство, во чии способни раце ќе го предадеме целото наше акумулирано и тешко стекнато искуство.

Фокус: Дали сте се вклучиле во некои хуманитарни акции, сте помогнале ли и на кој начин?

Ленин: Хуманоста е дел од нашето постоење, тоа е наша обврска и како клуб и како поединци. Поддржуваме хумани настани, организации, активности на поединци на разни начини, и во зависност од можностите и во договор со тие што го организираат тоа, или со тие на кои тоа им е потребно. Сепак, за ова повеќе претпочитаме да зборуваат другите, а не ние. Јавноста преку нив е запозната со нашето учество во хумани активности за децата со аутистичен начин на однесување, дијабетичарите, како и поплави, лекувања… Исто така, ќе нѐ сретнете како поддршка на историски, патриотски, национални, спортски, забавни и други настани за кои сметаме дека се на нашиот пат, филозофија и размислување.

Фокус: Вашето пријателство со Путин беше топ тема во многу медиуми, некој збор повеќе за тоа, кога и како се запознавте, каков е тој приватно, дали со него разговаравте околу тоа како се живее во Македонија?

Ленин: Моето прво запознавање со Путин беше во Севастопол на Крим, кога Крим беше во состав на Украина за време на одржување на големиот интернационален мотособир на „Ноќни волци“, кога заедно со другите браќа од клубот возевме мотор, а потоа следеше средбата во Белград каде што заедно го гледавме фудбалскиот натпревар Црвена звезда – Зенит и последната наша средба беше во Новорусиск (Русија), каде што заедно со воените ветерани проследивме еден спектакл организиран, исто така, од клубот „Ноќни волци“. Значи тие наши заеднички средби и контакти не се на лична, туку на клупска основа, јас едноставно бев задолжен од мојот претседател Хирург да бидам во непосредна близина на Путин кога тој јавно се појавуваше со „Ноќните волци“.

Инаку јас имав чест да  доживеам лично запознавање со една исклучително голема личност, од една страна најмоќниот човек во светот, а од друга страна толку обичен и едноставен во комуникацијата, која остава впечаток како да сме блиски и да се знаеме со години. На него воопшто не може да се забележи супериорност заради моќта што ја поседува, кај него не постои ароганција, суета и други ниски страсти, туку  добрина, искреност, интелект и неверојатна сестраност. Претседателот Путин го сака, познава и го почитува македонскиот народ и нашата историја, што мене лично ми импонира и ме восхитува. Имаме зборувано за можноста да ни се оствари заедничката желба, да дојде во Македонија како пријател на македонскиот народ, со што би ни дал, пред сѐ, морална поддршка. Од рускиот претседател има што да се слушне, види и научи, харизматичен и шармантен кога му се обраќа на народот, принципиелен и непоколеблив кога им се обраќа на државниците и на политичарите. Сите тие негови атрибути и православието се вредностите што нѐ спојуваат, затоа и „Ноќните волци“ се негов избор!

Фокус: Околу политичките настани по најавата за аболиција на политичари осомничени за криминал, кој е вашиот став, дали се согласувате или, пак, се противите на помилувањето?

Ленин: Најнапред сакам да е совршено јасно дека јас, како и секој друг нормален граѓанин, не би можел да се согласам со тоа дека политичарите не треба да одговараат за криминалот што го сториле или за кое било друго нешто казниво со закон. Тие никако не може и не би смееле да бидат привилегирани по однос на прекршување на законите во однос на кој било друг човек што случајно или намерно не е политичар. Се наоѓаме во една за мене исклучително чудна и нелогична ситуација, од една страна имаме одлука на претседателот со која се аболира одредена група политичари, а од друга страна аболираните тоа не го сакаат колнејќи се во нивната невиност, па дури и протестираат против тоа.

Од тие (политичарите) и не сум толку изненаден кога прават глупости и нелогични постапки, зашто тоа ми е веќе видено, доживеано и слушнато, но, сепак, еден ваков гест на претседателот не може никако да се смета за случаен или наивен, сепак претседателот е највисоката државна институција, која располага со разузнавачки информации, факти и контакти, кои се далеку од доменот на обичниот граѓанин, па дури и од оние политичари на пониско ниво во политиката. Познавајќи го претседателот Ѓорге Иванов, верувам дека во случајов не се носел од некакви лични емоции и не донел рефлексна и индивидуална одлука. Факт е дека таа одлука резултираше со протести и гнев, што според мене е оправдано, но можеби во наредниот период ќе имаме повеќе сознанија за појасно согледување на целата вистина околу целиот овој мошне сериозен и комплициран случај. Никако не го поддржувам хулиганството, омаловажувањето, навредите и исмејувањето на претседателот, исто онолку колку што го поддржувам и оправдувам револтот на чесните граѓани што се противат на ваквата одлука.

Фокус: Познато е дека за да се стане член во вашиот мотоклуб постојат неколку услови, меѓу кои потенцијалните членови да немаат криминално досие, да не се алкохоличари и наркомани, да не се дел од ЛГБТ заедницата. Зошто токму хомосексуалците не се добредојдени, во време кога низ целиот свет се води борба против нивната дискриминација?

Ленин: Ние отворено ги декларираме своите принципи, па и во однос на луѓето што не може да бидат „Ноќни волци“. Списокот е краток: криминалец, наркоман, наркодилер, хомосексуалец и човек кој во себе ги има идеите на злото и сатанизмот. Тие едноставно не се за нашиот пат. Ние не им судиме, не ги дискриминираме, тоа го оставаме на пишаните и непишани закони и на Господ.
Во нашиот клуб, по правило, не можат да членуваат ниту жени, поради тоа што сме братство. Значи ли тоа дека тие се дискриминирани? Секако НЕ. Жените се високо почитувани од нас, како најважен сегмент на едно традиционално семејство. Жената е мајка, сопруга, ќерка.

Еве јас имам три ќерки и сопруга, имам сестра и мајка и еден куп другарки и пријателки. До нас не се приоѓа од материјална корист, првенствено поради тоа што тоа кај нас и го нема, ние единствено имаме совест и долг кон своето Братство и кон својот мотоклуб. Нашата предност е во нашиот начин на живеење. Никогаш и никому „Ноќните волци“ не му го наметнале својот начин на живеење, своите цели и вредности. Самите ние сме различни меѓу себе, по возраст, по образование, по материјален и социјален статус, во физичкиот изглед, но секој Волк од нашиот Чопор пронаоѓа примена на своите способности, било да е талентиран работник или вешт менаџер.

Фокус: Има ли политичари што се членови во вашиот клуб?

Ленин: Во македонското одделение нема, но не е забрането или исклучок, како на  пример претседателот на Чеченија, Рамзан Кадиров, кој е член на „Ноќни волци“.

Фокус: Доколу некој од аболираните сака да се зачлени, дали тоа ќе му биде дозволено, со оглед на тоа што сте голем противник на криминалот и се борите за правдата, а се работи за лица осомничени за криминал?

Ленин: Јасен и јавен е нашиот став дека во нашиот клуб нема место за криминалци, исто толку колку што е јасно дека осомничен за криминал не значи  дека си криминалец. Во нашиот клуб имаме член (Бобан Утковски), кој една година беше притворен во истражниот затвор „Шутка“ како осомничен во познатиот случај „Раштански лозја“, за во судската постапка да се докаже дека нема никаква вина и беше ослободен од сите обвиненија. Ние не би ги примиле ниту тие што учествуваа во таа хајка, а, ете, за жал, тие  до ден денес не се осудени за своите криминални постапки обидувајќи се да уништат еден човечки живот, а за нив државата од народните пари плаќа за сторената штета врз нашиот член.

Фокус: Што мислите за разговорите што ги слушнавме во бомбите, вашиот клуб е на некој начин познат и како патриотско здружение, не само како мотоклуб, дали на луѓето чии разговори ги слушна нацијата може да им се верува и да им се дозволи да ја водат државата?

Ленин: Уште пред објавувањето на т.н. бомби, јас во моја изјава за медиумите прв ја спомнав вмешаноста на странскиот фактор и кажав дека е можен развој на украинското сценарио при што посочив и конкретни примери од искуствата и доживувањата на нашите членови во таквото сценарио. Уште тогаш кажав за да се поштеди народот од туркање во меѓусебна омраза и не дај боже физички пресметки, нашите политичари, од кои патем речено ништо не зависи, треба да седнат и да се договорат како да ги одбегнат црните претпоставки што може да се случат. За жал, очигледно сценаристот е многу силен, а нашите политичари многу слаби, при што се остава впечаток дека сѐ е поважно отколку народот и државата, поважна е власта, функцијата, моќта…

Сѐ повеќе имам чувство дека се губат виталните национални интереси на нас како Македонци, а политички се покажавме многу слаби играчи, упорно трчајќи во прегратките на тие кои сето ова ни го создадоа. Што се однесува до разговорите што ги слушнавме, јас лично не гледам ништо чудно, невообичаено, неочекувано или спектакуларно. Во целата таа приказна воопшто не ми се допаѓаше воведот интерпретиран пред да се пуштат разговорите, кој го наведува слушателот да има претстава за што се зборува, иако во суштина може (велам може) да се зборува за нешто сосема трето. Сепак, ете, сите тие (политичарите) се договориле и сами си избраа да постои СЈО, кое индициите што произлегуваат од тие разговори треба изворно да го провери и докаже со факти. Со оглед дека јас не располагам, ниту имам увид на сето тоа, нормално е да се воздржам од секакви други претпоставки, а доказите и времето ќе покажат и докажат сѐ. Времето е најдобар показател и судија за сѐ. Секаде во демократските државни уредувања, нормална и вообичаена постапка на еден политичар, чиј авторитет, чесност и доверба се нарушени во јавноста, пред сѐ, како морален чин е поднесување оставка.

Ние ете видовме дека такви оставки се случија и кај нас, а дали некому повторно ќе му биде укажана доверба, и покрај сѐ и понатаму ја води државата, ќе се види на изборите кога народот и секој со своето неприкосновеното право на глас, сам ќе одлучи заокружувајќи позади параванот, кога никој не може на ниту еден начин да влијае против неговата волја. Во моментов, најважно од сѐ е тоа, како граѓани на оваа држава да ни се дозволи гласање.

Фокус: Околу Шарената револуција, дали ги поддржувате масите, бидејќи, сепак, не се работи за партиски протести, туку народни протести во кои што учествуваат незадоволни граѓани од кои повеќето дури и не се партиски определени?

Ленин: Секое демократско општество се соочува со протести и тоа е сосем нормално, но терминот „револуција“, па била шарена, розова, црвена или портокалова, сеедно, подразбира граѓанска, братоубиствена војна и насилно преземање на власта. Јас не гледам апсолутно никаква причина за „револуција“ кај нас, во услови кога имаме олкав политички надзор и вмешаност на странскиот фактор, кога политичките партии седат на преговарачка маса и кога никој не го укина правото на граѓаните на глас и избори.

Во вакви околности апсолутно нема оправданост за никакви револуции. Протестите се друга работа, тоа е демократско право на секоја незадоволна група граѓани, која заради одредена постапка на институција или политичар ќе ги исцрпи можностите институционално да го совлада проблемот, тогаш врши притисок со протести, бара поширока општествена поддршка и на тој начин ја покажува сериозноста или опасноста на проблемот што постои и во таа насока секако ние го почитуваме тоа право на граѓански протести. На овие протести има луѓе што се наши пријатели,  соседи и луѓе што ги почитуваме и го разбираме нивниот револт. Меѓу нив има политички неопределени, има и од оние кои се борат за својата политичка опција,но, за жал, има финансирани и оние што имаат некоја друга идеја, која сакаат да ја протуркаат искористувајќи ги овие протести.

Фокус: Би излегле ли вие и вашите членови на протест бидејќи во земјава сте еден вид икона на моторџиите и ве почитуваат голем број луѓе од сите партии и религии?

Ленин: Токму поради тој факт поради кој внимаваме како „Ноќни волци“ да не си го изгубиме угледот пред тие што нѐ почитуваат, не сме на ниту едни протести, ова е така поради девалвирањето на протестите со луѓе (иако во помал број) што ги познаваме, ги читаме нивните изјави и како такви ги сметаме за општествено штетни, антимакедонци, хомосексуалци, наркомани, алкохоличари, такви кои повикуваат на линч само заради политичката различност, такви кои дрско повикуваат на рушење и омраза кон сѐ што не им се допаѓа нив лично или не мислат како нив, кои газат и се исмеваат на македонската историја, на македонските жртви, оние кои ги сквернават нашите национални симболи, оние кои нас како патриотски клуб нѐ мразат исто како и сѐ што е македонско…

Затоа е подобро да се воздржиме од нашето присуство таму и на тоа исто место, бидејќи тоа воопшто не би било добро за нив, но, од друга страна, и една таква ситуација би довела до сосема друг тек на состојбите. На таквите штетници, демократијата и правдата им се познати само во еден правец, правдата, правилата и законите не важат за нив, а екстремно ги бараат за секој друг. Нашите пари ги доживуваат само како свои. Омразата и желбата за рушење на изграденото го сметаат за единствен правилен став, наспроти оние на кои тоа им се допаѓа и кои учествувале со исто онолку наши пари колку и тие.

Не сме на протестите, иако се декларираат како народни (а секогаш сакаме да сме со народот) зашто овие протести се премногу шарени, исшарани со луѓе со кои не треба да сме на исто место. Во такви околности,  нашето присуство таму ќе значи идеолошки, ментален и физички судир на две дијаметрално спротивни опции, а со тоа може само да наштетиме на она мнозинството на тие протести кои се заради својот личен и оправдан револт, кои се без ниту една лоша мисла кога е во прашање интересот на Македонија, а ние на нив не сакаме да им правиме никаква штета.

Тие нека ја бијат својата битка на начинот на кој тие се одлучиле, а ние ќе ја биеме битката на начин и во време кога за тоа ние ќе одлучиме.

„Општото е пред личното, иднината е поважна од сегашноста, правдата е над законот“ – завршува Ленин.