Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој е во центарот на вниманието откако од Стејт Депарментот беше означен како неподобен за влез во САД поради негова вклученост во корупција, со злоупотреба на општински средства и мешање во судски процеси, сосема се повлече од јавноста.
Тој досега нема дадено ниту една изјава по повод настаните, и продолжува со молкот. На телефонски повици од новинари не одговара, но затоа пак секоја добиена Вибер порака од новинарите, веднаш ја чита, што може да се види на екранот на телефонот на оној кој ја испратил.
Обидите на ,,Фокус” да добие одговори на прашањата поврзани со актуелните случувања, завршија без успех, а градоначалникот кој во минатото секогаш беше расположен да одговара на новинарски прашања во врска со теми во кои го истакнуваше своето работење, сега е недостапен за разговор.
Денес на прес конференција од Антикорупциската комисија истакнаа дека предмети против струшкиот градоначалник заталкале, а институциите имале четири години да постапат по нив.
„Немаше да има потреба од толкава бура, која во јавноста ја предизвика одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на ‘црна листа’ струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доколку Јавното обвинителството, Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции си ја вршеле работата и постапувале по иницијативите на Државната комисија за спречување на корупција“, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Вики Клинчарова