Вечерва Ѕвездено небо за Проески: Родителите на Тоше два пати на ден го посетуваат неговото вечно почивалиште

by fokus

Вечерва во 20 часот на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи манифестацијата ,,Ѕвездено небо,“ во чест на прерано починатата музичка ѕвезда Тоше Проески.

Настанот се одржува на иницијатива на обожавателите на Проески, на денот на неговиот последен концерт во Скопје пред девет години, за да се потсети јавноста на неговите хитови, и да направи ,,ѕвездено небо“ во негова чест.

На денешен датум во 2007 година Тоше го одржа својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје, кој што беше со хуманитарен карактер во соработка со УСАИД, а средствата беа наменети за подобрување на условите во училиштата. Исто така, на концертот тој го промовираше својот албум ,,Игри без граници“ кој беше издаден на македонски и на хрватски јазик.

Само единаесет дена по концертот, на 16 октомври во раните утрински часови Тоше загина во сообраќајна несреќа во Хрватска, на дваесет и шест годишна возраст.

Од фан клубот на Тоше повикуваат на настанот на кој што ќе се пејат песните на легендарниот крушевчанец, со цел да се прати порака дека неговите хитови никогаш нема да згаснат.

За да дознаеме дали и семејството на Тоше Проески ќе присуствува на настанот, телефонски го контактиравме Славен Ристески, сопругот на Дора, родената сестра на Тоше.

thumbnail_tose-hristijan1

,,Јас и синовите Христијан и Никола секако дека ќе бидеме дел од ,,Ѕвезденото небо,, заедно со фановите на Тоше. За жал, Дора и нејзните родители Доминика и Никола ќе останат во Крушево и овојпат. Иако поминаа девет години, сепак нивната болка не стивнува и немаат сили да присуствуваат на такви настани, не можат да останат рамнодушни при изведбата на песните на Тоше. Сето тоа им го крши срцето. Неговите родители, и до ден денешен, секој ден по два пати одат на неговиот гроб, наутро и приквечер, и нема лек за нивната тага“ – изјави Ристески за ,,Фокус“, заблагодарувајќи се што фановите не го забораваат нивниот музички идол и на ваков начин му оддаваат почит.

Вики Клинчарова

Поврзани новости