Со филмот „Реквием за госпоѓа Ј.“ вечерва свечено ќе биде отворено јубилејното 20. издание на Скопје филм фестивал, а пред публиката во киното „Милениум“ ќе се поклони и легендарната актерка Мирјана Карановиќ и режисерот Бојан Вулетиќ, како и дел од македонската екипа на филмот.
Досега, филмот се прикажа на 67-то издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21.Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ што ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.
„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и мотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва.
Утревечер (петок, 21 април) програмата на Скопје филм фестивал продолжува со премиерата на новата македонска комедија во режија и по сценарио на Коле Ангеловски „Ах љубов моја“, во продукција на „Авард филм и видео“. Премиерната проекција ќе се одржи во киното Милениум, во 20,30 часот, а ќе присуствува и филмската екипа. Во главните улоги настапуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски
Утревечер во Кинотеката на Македонија, (петок, 21 април), со почеток од 19, 30 часот почнува новата детска програма „Креираме заедно“ релизирана како партнерство со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје. Годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат во конципирањето на фестивалската програма ги вклучува и учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица.