Семејствата на жртвите трогнати од гестот на Боки: Ни остана прашањето – Зошто?

by fokus 12:08
12:08

Пишува: Вики Клинчарова

Завчера, по повод петгодишнината од убиството на младинците кај Смилковското Езеро, познатиот шоумен и хуманист, Боки Јовановски, на семејствата на жртвите им предаде уметнички слики, портрети со ликовите на нивните најмили.

- Advertisements -

Ликовните дела изработени на платно од наш познат уметник, Јовановски лично им ги однел на членовите на семејствата на загинатите, со цел да порача дека трагедијата не е заборавена, и како споменот на младинците вечно ќе живее.

Семејствата биле доста трогнати од неговиот гест, со растреперени раце и срца ги прифатиле портретите, и порачаа дека му се многу благодарни.

„Боки со својата човечност и хуманост длабоко не трогна. Иако болката никогаш нема да стивне, утешително е да знаеме дека луѓето сеуште мислат на нашите најмили, сочувствуваат со нашата тага и се трудат неправдата никогаш да не биде заборавена’’ – велат тие.

,,По трагедијата, сите ние, блиските роднини на жртвите доста се зближивме, станавме како едно семејство. Не е кажано туку така, дека најголемите болки, најдобро ги зближуваат луѓето. Нашите семејства ги спои оваа голема болка за навек.

Благодарни сме му на Јовановски, ни ги допре срцата на сите. Благодарни сме и на сите кои што сочувствуваат со нас, но сепак, и по сите овие изминати години останува прашањето – Зошто? И ние секој ден живееме со истото тоа прашање’’ – ни изјави Елена Славковска, сестра на Филип, кој што беше една од жртвите во масакрот.

,,Бев на гости кај семејствата чии што прекрасни деца на монструозен начин ги изгубија животите, со цел да им ги предадам портретите од нивните деца. Им благодарам за емотивниот и топол дочек, и како јавна личност, сакам да ја пренесам нивната порака и да апелирам.

Овие луѓе ја заслужуваат вистината за убиството на нивните деца, овие луѓе живеат со таа мисла!’’ – порача Јовановски.

Поврзани новости