Се пензионираше судијата Јани Нича – дел од советот што ги укина пресудите за Мијалков и кому Русковска му прати порака „од гаќи ќе ве истресам“!

Нича беше избран за судија во Кривичниот оддел на Апелација во 2016 година со искуство од 30 години и во тој момент работеше во Кривичниот суд во Одделението за организиран криминал.

by fokus

Судијата во Апелацискиот суд, Јани Нича, се пензионираше, пред Судскиот совет да донесе било каква одлука за одговорност на судиите на кои им требаа повеќе од десет месеци да донесат одлука за првостепената пресуда за случајот „Трагет – Тврдина“, односно за масовното прислушување што резултираше со укинување на дванаесетгодишната затворска казна за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Токму судијата Нича беше претседател на судечкиот совет кој ја донесе одлуката за укинување на пресудата за најважниот предмет од аферата со масовното прислушување.

Судија известител во овој предмет беше судијата Енвер Беџети, а од петорката дел беа и тројцата судии Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.

Работната група од Судскиот совет којашто во декември беше во вонредна работна посета на Апелација констатираше, а Судскиот совет едногласно ги усвои овие заклучоци дека нема образложени причини за изминување на толку долг период од јавната седница до донесување на одлуката.

Девет месеци им требало на судиите да одлучат од одржувањето на јавната седница за овој предмет до донесувањето на одлуката со што судиите создале услови за застарување на постапката, што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка.

Информации за текот на постапката, Работната група побарала од судијата известител за случајот, Енвер Беџети кој е надлежен за динамиката на движење на предметот, особено по завршувањето на јавната седница и утврдиле дека Беџети ги решил сите предмети од висок јавен интерес, а предметот за Мијалков го чувал во фиока, односно тој бил единствен што не го решил.

-Како причини за оваа состојба беа наведени големиот број на предмети и тоа вообичаено тешки предмети од висок јавен интерес кој според АКМИС му биле распоредени на судијата известител. Тоа е видно и од уписникот, го проверивме.

 

Неспорен е фактот дека нормата месечна ја исполнувал, но она што го констатиравме дека од сите предмети кои му биле распоредени во работа на судијата известител, од итен караректе и висок јавен интерес единствено „Таргет-тврдина“ е незавршен предмет.

 

И покрај тоа што имал голем обем на работа, тој има завршувано предмети со понов датум, дури и дадени предмети од 2022 година“, рече Тања Чачарова-Илиевска, која беше дел од работната група.

Нича беше дел од судечкиот совет кој ја укина пресудата и за случајот „Трезор“ заедно со судиите Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски, Лидија Зимбовска и Гордана Сајковска.

И во овој предмет, работната група формирана од Судскиот совет констатираше дека нема образложени оправдани причини за тоа што пет месеци се изработувала одлуката. За овој предмет исто така беше осуден Мијалков, а Апелација ја укина неговата осумгодишна казна за уништувањето на опремата за прислушување.

Судскиот совет донесе заклучок дека неразумно долго било постапувано во случаите, но тоа не значеше дека ќе има одговорност за некои од судиите. Овој извештај, како што беше нагласено од членовите што ја правеле контролата, е за да се констатира фактичката состојбата.

-Со оглед на сериозноста на постапувањето, работната група очекува предложените заклучоци да бидат усвоени, а понатаму цениме дека треба да се преземат сите мерки за утврдување дали постојат основи за евентуални одговорности, рече Тања Чачарова-Илиевска, која е координаторка од Судскиот совет за следење на работата на Апелација.

Името на судијата беше во фокусот на јавноста кога обвинителката Вилма Русковска му испрати порака откако Нича и неколку други судии донесоа одлука да ја пуштат во куќен притвор поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.

Судот тогаш ја пренесе и содржината на СМС-пораката која Русковска му ја испратила на еден од тројцата судии кои наводно ја донеле одлуката, а која гласи:

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.

Апелацискиот суд Скопје тогаш реагираше дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот, каде јавното обвинителство е само странка во постапката.

„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и етичкиот кодекс на јавните обвинители“, се наведува во соопштението на судот.

Нича беше избран за судија во Кривичниот оддел на Апелација во 2016 година со искуство од 30 години и во тој момент работеше во Кривичниот суд во Одделението за организиран криминал.

Ф.Ф.С

Поврзани новости