Васко Ковачевски: Мицкоски или не знае или лаже!

by Fokus

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски ги отфрла обвинувањата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу продажбата на ноќните вишоци на енергија од страна на АД ЕСМ, откако тој и денеска преку фејсбук статус изнесе тврдења дека „Македонија, граѓаните и ЕСМ за само 20 часа се оштетени за близу 10.800.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството парите се крадат и завршуваат во приватни џебови“.

Според Ковачевски, ноќните вишоци што ги продава ЕСМ се на слободниот пазар и може да ги купи кој било што ја сака и има потреба.

-Ја продаваме на аукција каде имаме највисока цена во конкурентна и транспарентна постапка, вели Ковачевски.

Според него,  ЕСМ работи транспарентно и конкурентно и нема никакви манипулации во продажбата на ноќните вишоци.

-Манипулација со јавноста е дека оваа енергија ја продаваме двојно поевтино отколку што е цената на ХУПЕКС. Енергијата од 2 до 7 часот е најевтина затоа што во тој период има најмалку потреба од електрична енергија на пазарот во нашата држава. Ова е вистината. Оваа енергија која што ЕСМ ја продава, ја продава затоа што ја произведува и за да не ја пушта во системот без пари, наплатува и тие се дополнителни приходи за компанијата, тврди Ковачевски.

Поврзани новости