Бугарските територијални претензии кон Македонија

by Fokus

Беломорска, како и Вардарска Македонија, од секогаш била на картата на бугарските националисти. Но, очигледно позицијата на Грција во ЕУ и НАТО ја пикнува Бугарија во глувчешка дупка. Бугарија, како и секогаш, е силна само кога ќе најде „село без кучиња“, каква што е ЕУ денес

Пишува Ристе ЉУБОТЕНСКИ

        Ако се бара заедничкиот именител на бугарските политики кон нас Македонците и сега кон Република (Северна) Македонија во последните век и половина, тогаш ќе се види дека негирањето на националната, културолошката, јазичната и црковната посебност на Македонците од страна на Р. Бугарија не е цел сама за себе, туку, напротив, е само  редство за остварување на територијалните претензии што источниот сосед ги има кон нас. Потврда за таквото тврдење се Првата и Втората балканска војна како и Првата и Втората светска војна.

Факт е дека од таквите територијални претензии не се откажува ниту современа Бугарија, особено не нејзиниот претседател „Обединител“, господинот Румен Радев. На тој начин се обезбедува континуитетот на санстефанските проекции за „Голема“ Бугарија, кои овие неколку години го достигнуваат својот историски зенит.

ЕДЕН НАРОД ВО ДВЕ ДРЖАВИ

Тоа што на овој факт не му се посветува речиси никакво внимание, прво од македонското државно раководство, а потоа и од раководството на ЕУ, е поразително! Ова особено важи за политичкиот врв на ЕУ, кој, волно или неволно, од знаење или од конформизам, во целост ги поддржува бугарските политики во однос на Македонија и со тоа се става на рамниште на Путин и на неговите политики кон Украина.

Разликата на тие политики е само во средствата за нивно остварување. Путин ја користи силата на оружјето, а Бугарија ја користи егзистенцијалната потреба на Р.(С). Македонија да стане рамноправен член на европското семејство.

Гледано од тој аспект, европските „лидери“ немаат ниту морално, ниту политичко право да го осудуваат и обвинуваат Путин зашто во крајна линија тие на Македонија ѝ го прават истото она што Путин ѝ го прави на Украина: идентитетски, економски и територијално ја уништуваат.

Секојдневната употреба на оваа теза од голем број бугарски политичари, од Каракачанов до Џамбаски, никогаш и никаде не е осудена од страна ниту на македонското, ниту од страна на европското раководство. Последицата од таквиот неодговорен однос е континуитетот и зголемениот интензитет на нејзината употреба.

ЕУ КАКО „СЕЛО БЕЗ КУЧИЊА“

Затоа и зачудува „загриженоста“ на македонските политичари за тврдењето на Р. Бугарија дека на територијата на Р. Албанија не живее македонско, туку дека живее „бугарско“ национално малцинство. Пародијата е во тоа што овие политики на Р. Бугарија кон македонското национално малцинство во Р. Албанија не се од вчера, туку се резултат на континуирани активности од многу години наназад.

Македонците од Р. Албанија се плацдрамот каде што нашиот источен сосед одново и одново ја потврдува својата доктрина дека „Она што не бидува со малку пари, ќе биде со повеќе пари“. Факт е дека таа доктрина веќе помина со формирањето на „културните“ друштва Иван (Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, како и со промовирањето на „бугарското“ национално малцинство на територијата на Р.(С). Македонија.)

Ме изненадува само што Р. Бугарија молчи како умрена риба, кога станува збор за „бугарското“ национално малцинство во Р. Грција. Беломорска, како и Вардарска Македонија, од секогаш била на картата на бугарските националисти. Но, очигледно, политичкиот статус и позиција на Р. Грција во рамките на ЕУ и НАТО ја пикнува Р. Бугарија во глувчешка дупка, кога станува збор за тие прашања. Бугарија, како и секогаш, е силна само кога ќе најде „село без кучиња“, каква што е ЕУ денес.

Ние, Македонците сме опстојувале и во потешки и во помрачни времиња од што се овие денес. Тоа ни дава за право и ни влева сила дека ќе опстоиме и понатаму, но само под еден услов: самите себеси да не се уништиме. Бидејќи токму тоа е основната идеја на Бугарија во минирањето на македонската целокупна борба за национална самостојност и самостоен државен идентитет и развој.

Поврзани новости