Васил Гарванлиев: Нема бугарско знаме во видеото, се работи за дело инспирирано од Исус!

by fokus

Вчера на МТВ беше промовирана нашата евровизиска песна и видео записот за истата. Станува збор за нумерата „Here I stand“ со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам. Но, набргу по промоцијата на социјалните мрежи се актуелизираа обвинувања дека во спотот се забележуваат боите на бугарското знаме, што наводно, претставува намерна или случајна провокација.

Сепак, нашиот претставник, струмичанецот Гарванлиев, во разговор за ,,Фокус” вели дека без потреба се прави скандал, бидејќи боите кои се гледаат во позадина, сепак немаат врска со соседна Бугарија.

-Луѓето обожаваат да прават скандали без потреба и сакаат да прават драми. Нека е… Овие се прекрасни дела во Даут Пашин Амам во Скопје, и многу сум горд што ми беше дозволено да снимам таму.
Се распрашав за делото за кое се коментира. Станува збор за дело за кое инспирација е Исус Христос, а бугарското знаме е хоризонтално, не вертикално, што може јасно да се види. Ова дело нема никаква врска со Бугарија.
Така да, им пуштам љубов позитивна енергија и прекрасна музика на сите. Одиме напред и нагоре во горди жолто – црвени тонови – ни изјави музичарот.

Видеото за песната е снимано на повеќе локации. Дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот Центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време со Детскиот Хор од Чикаго. Видео-записот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од Digital Box, а режијата е на Васил Гарванлиев.

Во песната доаѓа до израз моќниот вокал на Васил, кој 22 години живеел и се образувал надвор од земјава, завршил соло и оперско пеење на престижните универзитети, а во фокусот му била операта.

Вики Клинчарова

Поврзани новости