Пред 18 години беше убиен српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ

by Fokus

Пред осумнаесет години, на денешен ден, на 12 март 2003 година, во дворот на зградата на српската Влада, убиен е премиерот на Србија и лидерот на Демократската партија (ДС), Зоран Ѓинѓиќ. За неговото убиство беа осудени припадниците на Земунскиот клан и Единицата за специјални операции (ЈСО). Политичката позадина на убиството до денес не е разјаснета.

Првиот демократски премиер на Србија, по промените на 5 октомври и падот на режимот на Слободан Милошевиќ, беше убиен пред зградата на српската влада. Тој беше застрелан двапати во градите околу 12:45 часот.

Во првото соопштение на Владата на Србија, како организатори и извршители на атентатот беа обележани криминалците од Земунскиот клан, а како водачи на оваа група означени се поранешниот командант на распуштената Единица за специјални операции (ЈСО) Милорад Улемек Легија, Душан Спасојевиќ Шиптар и Миле Луковиќ Кум.

Неколку часа по атентатот на Ѓинѓиќ, во земјата беше прогласена вонредна состојба, која траеше до 22 април, кога беше укината по предлог на Владата на Србија.

Следуваше полициската акција „Сабја“, во која беа уапсени атентаторот Звездан Јовановиќ, поранешен помошник командант на ЈСО, неговите помошници и уште неколку припадници на таа единица, како и сите оние кои беа осомничени за поврзаност со оваа криминална група и атентат.

На 40 години затвор беа осудени Милорад Улемек Легија, поранешниот командант на единицата кој го организираше атентатот и Звездан Јовановиќ, потполковник во ЈСО кој пукаше на премиерот,

По судењето, кое заврши во 2007 година, јавноста очекуваше да започне истрага за политичката позадина на убиството. До денес, тоа не се случи, и покрај ветувањата на сите влади во изминатите 18 години.

Ѓинѓиќ беше првиот демократски премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година, кога дојде на власт Демократската опозиција на Србија (ДОС). Во тој период е инициран процес на демократизација на општеството, економски и социјални реформи.

Ѓинѓиќ беше и еден од основачите на Демократската партија, во која беше претседател на Извршниот одбор.

Од јануари 1994 година до неговото убиство, тој беше претседател на ДС.

Во погребната поворка на улиците на Белград беа стотици илјади граѓани.

Премиерката Ана Брнабиќ и членовите на српската влада денес положија венци на местото каде што беше убиен Зоран Ѓинѓиќ.

Поврзани новости