Реакција на битолскиот Средношколски Пленум, по повод средбата на Министерството за образование и наука со извесна Унија на Средношколци. Нивната реакција ви ја пренесуваме интегрално:
Убаво изиграно. Паметни дечки сте вие. Браво за брзото дејствување, навистина, доста брзо успеавте да договорите средба со МОН и да ги добиете вашите барања, но, имаме една малечка забелешка: требаше да се потрудите да бидете помалку сомнителни.
Почитувана Средношколска Унијо, или како и да се декларирате, нема да потенцираме кои сте и кој стои зад вашата унија, излишно е.
Поднесовте барање кое го крати ПРАВОТО НА ИЗБОР на вашите другари и другарки кои одбрале природно-математички смер со цел мнозинството да “се спаси” од математиката и Средношколски Пленум тоа најстрого го осудува.
Ние не бегаме од математика, нас не не` плаши учењето. Напротив, многу ја сакаме математиката, но сакаме некој да ни ја пренесе пред да ни ја наметне како задолжителен предмет на државна матура, така што, бараме да се постави стручен кадар во средното, а особено во основното образование. Бараме поквалитетно средно образование, бараме да учиме, и тоа СИТЕ.
Почитуван министре,
вашиот обид за амортизација на нашата борба нема да успее, напротив, ваквите смешни постапки само не` прават моќни и не` охрабруваат да продолжиме да се бориме! Нема толку лесно да ги затнете реките од средношколци кои ги видовте низ улиците на сите градови во државава затоа што се сплотени и моќни!
Пленумци спремете се, затоа што војната штотуку започна!