Водата во реката Вардар поцрвенела од рѓа, утврдил Државниот инспекторат за животна средина, но велат дека загадената вода не била опасна за животинскиот свет во реката и нема одговорен за овој екоинцидент.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека нема основа за понатамошно продолжување на инспекциската постапка.
По добиена дојава за загадување на реката Вардар со портокалова боја извршиле вонреден инспекциски надзор согласно законските надлежности. Надзорите се реализирани од Одделението за инспекциски надзор во животната средина и природата – Скопски регион со двајца државни инспектори за животна средина.
-На локацијата испуст на отпадни води од колекторот кои се влеваат во река Вардар кај мостот Близнак под Бетонската база на Бетон каде граничат општините Гази Баба и Аеродром, отпадната вода беше со видлива портокалова боја, но не беше забележан помор на риби во реката Вардар. Поради овој факт веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа, се вели во соопштението.
Земените мостри поради неработниот ден, 15 јули 2020 година (вонредни парламентарни избори), биле однесени следниот ден 16 јули 2020 година во акредитирана лабораторија во Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, каде се применува Системот за квалитет согласно меѓународниот стандард ISO 17025:2017. Лабораториското тестирање е извршено во согласност со акредитирани стандардни методи од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.
-Од страна на Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се добиени податоци на 21 јули 2020 од хемиското тестирање од примерокот кој има талог со портокалова боја за pH, железо, манган, ХПК (бихромат), БПК за пет дена, нитрати, сулфати, хлориди, суспендиран материјал и електрична спроводливост.
Може да се каже дека PH вредноста на водата е неутрална со вредност од 7.08, има зголемување на суспендирани материи кои претставуваат неутрализиран талог кој содржи железен хидроксид кои доведуваат до обојување на водата. Исто така, електро спроводливоста на водата е со минимално зголемување кое не е штетно по живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при испирање на површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода, се вели во соопштението.
Од ДИЖС посочуваат дека на 15 овој месец, кога била добиена дојавата за екоинцидент, извршени се два вонредни инспекциски надзори во комплексот поранешна Железара, кај правни субјекти кои имаат отпадни води од технолошки процес и се носители на А-Интегрирани еколошки дозволи, Либерти и Макстил.
-Кај правниот субјект Либерти АД-Скопје (поранешен Арцелор Митал),. е утврдено дека во моментот на вонредниот инспекциски надзор погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот не е во работен процес, почнувајќи од 10 јули во вечерните часови. При увидот во пречистителната станица утврдено е дека во истата доаѓа отпадна вода од Погон за пластифицирање на лим и од пречистителната станица истекуваше отпадна вода која беше видливо безбојна, стои во соопштението.
Извршен е визуелен увид и во пречистителната станица на Макстил АД-Скопје и забележано е дека истекува видливо безбојна отпадна вода. Од извршените вонредни инспекциски надзори и кај двата погоре споменати субјекти, како што се наведува, нема забележано појава на истекување на портокалова отпадна вода.
Од ДИЖС посочуваат дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се влеваат фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација, атмосферски води од покривните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација. Се влеваат и атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација.