Кумановскиот кризен штаб незадоволен од казнувањето на полицијата на терен, бара и Ковид болница

by Frosina Fakova

Кумановскиот кризен штаб за справување со ширењето на короната, со кој претседава градоначалникот, Максим Димитриевски на денешната седница донеле заклучок дека се незадоволни од дејствувањето на полицијата на територијата на општина Куманово.

Според нив, полицајците не преземале доволни превентивни и репресивни мерки во смисла на опоменување на поголеми групи во одредени делови на градот, непочитување на социјална дистанца, неносење на заштитна маска.

Тие бараат од МВР итно дејствување за да се спречи евентуално зголемување на нови случаи, како последица на непочитување и неодговорно однесување на граѓаните.
Од Владата пак бараат подготовка на Ковид болница за да се зголемат капацитетите за евентуални пикови на болеста.

-Бараме од Влада на РСМ во соработка со Општина Куманово да пристапи на зголемување на капацитети на болницата за третирање на пациенти со COVID -19, со подготовка на Ковид болница на простор утврден од Општина Куманово и Министерство за здравство и заедничко инвестирање, со цел да се зголеми капацитетот на Општа болница Куманово и да се подготвиме за евентуалните пикови во наредниот период на ковид кризата, се вели во еден од заклучоците.

Освен ова тие бараат Владата и надлежните да направат увид во делот на организациска поставеност во банките и други приватни јавни институции со можност за воведување на нумерациски систем за да се избегнат постојаните метежи на јавно прометните површини пред овие услужни установи.

-Бараме од Влада на РСМ да се засили надзор на северната граница во однос на движење на бегалците, нивно сместување во ТПЦ Табановце и влијанието на населението во однос на здраствената состојба на истото, како и почитување на уредбата на Владата на РСМ донесена на 26.03.2020 година.

Апелираме до граѓаните на Општина Куманово да ги почитуваат мерките донесени од Влада на РСМ бидејќи кризата е во полн ек и да не веруваат на лажни вести кои што ја релативизираат болеста и целосната ковид криза, се вели во соопштението од Кризниот штаб.

Изминатиот период во Куманово секојдневно има нови заразени, но состојбата не е толку алармантна како на почетокот на кризата кога овој град имаше најмногу заразени од Ковид-19, но и најмногу починати. Кумановскиот градоначалник тогаш постојано излегуваше со барања до Владата и во политичкиот судир меѓу него и владините претставници му беше поднесена и кривична пријава, која подоцна кумановското обвинителство ја отфрли.

На изборите сепак ја поддржа својата матична партија, а сега по изборите излегува со нови барања до Владата и институциите.

Поврзани новости