Ракометарите на Вардар 1961 издвојуваа победа над Еурофарм Пелистер од 31-24 во првото лигашко дерби во најсилната домашна конкуренција.
Средбата во СЦ „Јане Сандански“ донесе тензија, нервоза, имаше и инциденти, натпреварот беше во прекин во првото полувреме откако гостинската навивачка група пристигна на трибините по што летаа факели кон домашните фанови, па „Комити“ влетаа на теренот.
(ВИДЕО) Хаос на дербито: „Чкембари“ со факели кон публиката, Комити влегоа на терен
Откако се надминаа овие проблеми, двете екипи продолжија да се надигруваат во Аеродром, а актуелниот шампион беше подобар, знаеше како да ги користи своите минути и на пауза замина со предност од 13-10.
Во вториот дел, избраниците на Недановски беа уште подоминатни, ја зголемија разликата и дојдоа до заслужен триумф со кој се чекор поблиску до одбраната на пехарот во Суперлигата.
Талески и Манасков со по седум гола беа најефикасни кај победникот, голманот Томовски имаше 12 одбрани.
Кај поразените Пешевски постигна пет гола.