Вардар денеска во првата битка на патот до одбраната на титулата во Лигата на шампиони

by fokus 10:33
10:33

Македонскиот ракометен шампион, Вардар ја започнува својата битка за одбрана на европската титула освоена во минатата сезона со меч во полуфиналето против француски Монпелје.

Вардар е само вториот европски шампион после Кил, што откако ја освоил титулата, следната година играл на Ф4 и не бил елиминиран во претходните фази. Но, ниту еден тим досега не ја одбранил титулата, па тимот на Раул Гонзалес имаат шанса да влезат во историјата.

- Advertisements -

„Црвено-црните“ и Монпелје во Лигата на шампионите досега одиграле две средби. „Црвено-црните“ во сезоната 2014/2015 како гостин во Франција ремизираше со 34-34, а на ревашот во Скопје Французите беа поразени со 30:36.

Тренерот на европскиот шампион, Раул Гонзалес смета дека Монпелје се опасен противник и очекува тежок натпревар.

– Немаме притисок и треба да уживаме како што тоа го направивме лани. Не мислам за ништо освен за полуфиналето. Монпелје е опасен противник. Треба добро да се подготвиме, бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, а на крај ќе видиме кој ќе игра во финале. Сега за сега размислувам за Монпелје, вели Раул.

Бекот на вардарци, Лука Циндриќ, пак, изјави дека се подготвени за дуелот и дека се надева дека ќе стигнат до финалето.

– Притисокот е голем, но едвај чекаме сѐ да почне. Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Одбраната е клуч на нашата игра, изјави Циндриќ.

За актуелниот состав на Вардар ова е последна шанса за големо достигнување, откако по крајот на сезоната голем дел од играчите ќе си заминат. Од тимот официјално заминување најавија Штербик, Циндриќ, Македа, Кањељас, Марсениќ, Абутовиќ, како и тренерот, Раул Гонзалес.

Натпреварот ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн, од 18 часот.

Претходно во 15:15 часот е вториот полуфинален двобој, во кој ќе се соочат ПСЖ и Нант на нашиот Кире Лазаров.

Поврзани новости