Ванковска: Кина нуди економски многу, а не бара за возврат политички ништо

by fokus

Кина е држава која нуди многу во полето на економска соработка, а не бара ништо политички. Западот, од друга страна, сѐ повеќе станува антиинтелектуален.

Ова е оценката на кандидатката на партијата Левица за шефица на државата, Билјана Ванковска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

„Не дека јас ја глорифицирам Кина и дека тоа треба да биде нашиот модел. Ние си имаме своја политичка култура и традиции кои треба да ги негуваме, меѓутоа да не се занесуваме дека овде се сите среќни. Видете ги Бугарите. Јас не можам ни Грците да ги заборавам од 2015 година“, вели Ванковска.

Според неа, Европската Унија сѐ повеќе се милитаризира и ги губи, како што вели, идеалите на просветителството.

„Стапуваме во еден мултиполарен свет во кој, како што вели мојот пријател Јан Оберг, баш деновиве имаше јавна поддршка за мене, извонреден мировен истражувач од Шведска, Западот ја губи моралната вертикала, се милитаризира и станува антиинтелектуален. Не во смисла дека е против интелектуалците, туку не дозволува креативно мислење. Секој проблем почнува да го решава со повеќе оружје. Европската Унија е, за жал, инволвирана и во Газа и во Украина, дали под капата на НАТО, дали под капата на ЕУ, јас не знам. Кога Макрон зборува, кој зборува, лидер на НАТО или на ЕУ“,
вели Ванковска во интервјуто.

Таа смета дека Кина нуди одлична економска соработка и не се наметнува врз другите држави барајќи политички промени.

Поврзани новости