Вангеловски во одговор на Неделкова ги сподели писмата за кои тврди дека ги фалсификувала

by fokus

Врховниот суд денеска информираше дека претседателот Јово Вангеловски поднел кривична пријава против судијката Лидија Неделкова, бидејќи наводно лани изготвила писмо со невистинита содржина адресирано за Кривичниот суд, односно напишала дека писмото е изготвено од Кривичниот оддел на Врховниот суд, а според Вангеловски, одделот воопшто не одлучувал, туку Неделкова одлуката ја донела самостојно.

На прашање на „Фокус“ до судијката Неделкова дали е точно обвинувањето и дали вакво писмо навистина постои, таа одговори дека станува збор за доверливи документи и дека обвинувањата се невистинити. Но, од Врховниот суд ни ги испратија двете писма кои ги изготвила Неделкова, а претседателот Вангеловски не увери дека не е точно дека писмата се доверливи, со што ни даде дозвола за нивно објавување.

 

Содржината на двете писмата е идентична, но разликата е само во датумот под кој се заведени, а кој се наоѓа во левиот агол. До Кривичниот суд било испратено само едното писмо.

Од Врховниот суд појаснуваат дека по извршената проверка во Врховниот суд  утврдено е дека тогашниот Претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд, Неделкова, на 25.03.2016 година изготвила писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје I Скопје, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата СЈО соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето.

-Истото писмо потоа повторно е заведено со датум од 01.12.2016 година и го доставил до Основниот суд Скопје I Скопје, велат од Врховниот суд, од каде што додаваат дека е поднесена кривична пријава против Неделкова.

Судијката пак кривичната пријава во изјава за „Фокус“ ја оцени како смешна.

-Пријавата против мене е смешна и чиста глупост која доаѓа од некомпетентно лице, без разлика на формалната функција која ја извршува. Ќе кажам само дека Вангеловски е новиот Панчевски, па се надевам дека се разбираме, изјави Неделкова за Фокус.

За обвинувањето дека Вангеловски е некомпетенте, претседателот на Врховниот суд и возвраќа дека тој е некомпетентен но само за изработка на фалсификати.

-Бидејќи Неделкова вели дека сум некомпетентен, сакам да кажам дека сум целосно некомпетентен да правам фалсификат во името на Врховниот суд, изјави Вангеловски  за Фокус.

Валентина Вурмо

Поврзани новости