Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собрание со амандмани за законот за јазици

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат сè што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон за јазици, најави денеска на прес-конференција Митко Јанчев, потпретседател на партијата. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи суштински амандмани за подобрување на законот и отстранување на штетните и неуставни делови.

– Инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија. Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е на страна на граѓаните и Република Македонија и затоа ќе стори се во одбрана на државните и национални интереси – рече Јанчев.

Тој нагласи дека преку нивното присуство во Парламентот ќе се обидеме уште еднаш да ги убедиме пратениците од парламентарното мнозинство во ризикот од последиците на носење на овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и охридскиот договор, туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите останати етнички заедници во Република Македонија.

– Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици – рече потпретседателот на опозициската партија.

 

Поврзани новости