Ние не го укинуваме притворот за Сеад Кочан, туку ја цениме законитоста на одлуките на пониските судови“, изјави за Дојче веле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Ваквото објаснување доаѓа откако постапувајќи по Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) доставено од Јавното обвинителство, Врховниот суд реши да ги укине одлуките на Кривичниот и на Апелацискиот суд, со кои беше изречена мерка притвор за Сеад Кочан и побарано распишување на потерница по него. Од Специјалното јавно обвинителство велат дека за одлуката ќе се изјаснат откако официјално ќе ја добијат.
Одлуката на Врховниот суд предизвика многу реакции во јавноста, но Вангеловски тврди дека има повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две посуштествени.
„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, вели претседателот на Врховниот суд.