Вангелов: Дали реакциите ќе беа толку хистерични ако во прашање беше друг закон, донесен на ист начин?

by fokus

Пишува: Огнен Вангелов,
Докторанд и предавач на Квинс универзитетот во Канада

Малку околу ставот на умните и разумните луѓе кои велат приближно вака: “Немам ништо против Албанците, но законот е антиуставен и е резултат на уценувањето од страна на криминалната ДУИ. Криминалната ДУИ остана во власта, а ние не се боревме за тоа, итн…”

Зошто овој став е неаргументиран кога е во прашање Законот за употреба на јазиците? Затоа што сведувањето на законот само како да е уценувачка агенда на ДУИ е или површно гледање или незнаење, или пак намерно искривување на реалноста. Владеачката коалиција уште на почетокот најави дека ќе се донесе ваков закон. БЕСА и Алијансата бараа и закон со уште поголеми овластувања за албанскиот јазик (еве денес Таравари вели овој Закон не бил доволно добар за Албанците), и понатаму ја обвинуваат ДУИ дека поддржала закон кој не е доволно добар за Албанците. Значи, ако распоредот на силите беше таков БЕСА или Алијансата да бидат доминантен коалициски партнер од албанската етничка заедница, повторно ќе ги слушавме истите аргументи. Оттука, според мене, анти-ДУИ реториката во конкретниов случај е или свесно или несвесно прикривање на нетрпеливоста кон Албанците и кон можноста албанскиот јазик да има подобра регулација во државава, што е според петтиот амандман на Уставот.

Клучното прашање за Законот е дали има елементи што се косат со Уставот на Македонија? Некои велат дека има, некои велат дека нема. Кога нема едногласност дури ни кај стручните лица, тогаш во вакви случаи решава Уставниот суд. Законот ќе биде испратен и на Венецијанската комисија, па и од таму ќе стигне мислење. Зошто е потребно да се прави толкава фаталистичка тензија за нешто што треба да биде редовна парламентарна практика? Затоа што, драги мои, тоа е агендата на Груевски и неговата мафијашка организација со правење меѓуетнички тензии да се дестабилизира ситуацијата. Тие спасот го гледаат единствено во дестабилизација. Во стабилна земја во која проблемите се решаваат (некогаш подобро некогаш не доволно добро, но сепак се решаваат) нивната судбина ќе биде запечатена со сите кривични дела со кои се товарат.

И конечно, распоредот на силите е таков што ДУИ има реална моќ да поставува одредени услови и да поентира политички. Но, тоа би го правела секоја партија во нејзина позиција, не мора да е партија на етничка заедница. Дали реакциите ќе беа толку хистерични ако во прашање беше друга партија и во прашање беше друг закон, а се донесе на сличен начин? Мислам дека не. Така што, им порачувам на умните и разумните луѓе да размислат подобро дали со овој Закон навистина “ќе пропадне Македонија” и дали со поддршката на таквата реторика всушност и’ прават мечкина услуга на агендата на груевистичкото мафијашко друштво, притоа не водејќи сметка дека соживотот во Македонија бара макотрпна работа и преданост. Труењето на односите со навреди кон Албанците сигурно нема да придонесе кон подобрување на соживотот.

Поврзани новости