Ванчо Митев од Кочани, чија приказна за тешкиот живот без струја и редовна храна допре до многумина, со помош на хуманоста на кујната за домашни јадења и кетеринг сервис ,,Blagica kitchen” повеќе нема да биде гладен.
Од таму информираат дека му доделиле ваучер за бесплатна храна кој може да го користи секој ден.
-Проблемот за исхрана на Ванчо Митев од Кочани е веќе минато. Обезбедена му е бесплатна храна секој работен ден во ,,Blagica Kitchen”.
Доколку знаете некој што е во иста или слична ситуација како Ванчо, слободно нека не контактираат или посетат во нашата кујна за да добијат ваучер за бесплатна исхрана- информираат.
Како што неодамна раскажа, Ванчо имал тежок живот во сиромаштија, заедно со неговата партнерка која е со попреченост, а за да преживеат секојдневно питачеле.
Живееле во куќа во центарот на Кочани, која тој ја наследил од родителите. Повеќе од дваесет години му била исклучена струјата, а веќе две години не добивал помош од државата, бидејќи своевремено добил прилив на средства од игри на среќа.
Раскажуваше дека сонува за топол оброк, но и за греалка. Гестот на кочанската кујна наиде на поздрав кај неговите сограѓани.
Вики Клинчарова