Австралија е во пламен, Сузана ни го врати македонскиот дух, велат иселениците за настапите на Гавазова

by fokus

Големата пролетна турнеја во Австралија на фолк пејачите Сузана Гавазова, Борче Наумовски – Министерот, Гоце Петрески, Стивен Стојчевски и Виктор Крстевски, како и менаџерот Пикси со девојките од неговото модно студио Санел, е настан кој го привлече вниманието на нашите иселеници.

Концертите веќе започнаа со реализација во Волонгонг и Сиднеј, а ќе се одржуваат и во Перт, Мелбурн и други поголеми австралиски градови.
Од веќе одржаните настани се објавија голем број на видеа на страниците посветени на дијаспората, а музичката екипа која ги забавува нашинците доби голем број на комплименти.

-Австралија е во пламен! Гавазова и нашите македонски фолк ѕвезди по многу години го вратија духот на Македонците, да бидат сплотени под едно сонце! Направија вистински бум во Волонгонг, секоја им чест – коментираат иселениците.

Од видео снимките кои се објавија, се гледа дека Гавазова ги започнува настапите влегувајќи во салата со знамето, а со неа на сцената доаѓаат и девојки од модното студио Санел, кои исто така ги вејат знамињата.

Турнејата е во знакот на црвената и жолтата боја, па музичарите на настапите носат гардероба во истите бои.

-Поради пандемијата имавме период кога ништо забавно не се случуваше, немаше музички гости, концерти и дружби. Ни недостигаше оваа атмосфера, кога многу од нас, иселениците се собираме на едно место и со народна македонска песна се забавуваме, се дружиме и евоцираме спомени. Екипата која сега ни гостува прави одлични забави, и ние сме желни за вакви настани – велат нашинци кои гостувале на концертот во Волонгонг.

Пролетната турнеја на Гавазова и нејзините колеги ќе заврши на 22-ри април, а е наречена Бум – Бум турнеја, според нејзината песна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости