Состојбата во болниците е стабилна во смисла да нема некој голем и неконтролиран наплив на пациенти во сите јавно-здравствени установи во Скопје и насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден и утрово има доволен број слободни болнички кревети. После мини притисокот во понеделникот следните денови е еднаков бројот на испишани и примени пациенти, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Остануваме, посочи министерот, и викендов со истиот систем на ротација и менаџмент на местата меѓу институциите во Скопје и од државата кон скопските клиники и болници каде се сместени пациенти со Ковид-19.
– Во делот на вакцинацијата процесот добро се одвива. Некаде околу 13 000 граѓани се вакцинирани со вакцината на „Астра Зенека“. Останатите се веќе прераспределени по институциите и пунктовите ширум државата и тоа продолжува со истата динамика, нешто позголемена е фреквенцијата на закажување во текот на оваа недела, рече Филипче и додаде дека во салата „Борис Трајковски“ се одвива вакцинацијата на постарите граѓани на возраст од 73 и 74 години.