Вакцина против Ковид-19 нема да го врати животот во нормала на пролет?

by Fokus

Дури и ако има ефикасна вакцина против ковид-19, животот нема да се врати во нормала на пролет, предупреди група реномирани научници од британското здружение „Royal Society“, пренесува „Би-би-си“.

Во извештајот на ова здружение, пишува дека треба да бидеме реални за тоа што може да постигне вакцината и кога може да го постигне тоа. Научниците наведуваат дека мерките треба постепено да се релаксираат бидејќи создавањето ефикасна вакцина може да потрае и до една година.

„Вакцината дава голема надеж за потенцијално завршување на пандемијата, но ние знаеме дека историјата на развој на вакцини е преполна со неуспеси“, вели доктор Фиона Кали од Националниот институт за срце и бели при лондонскиот „Имеријал колеџ“.

„Би-би-си“ наведува дека постои оптимизам, кој доаѓа и од научните советници во британската влада, дека одреден број на луѓе може да се вакцинираат оваа година, а масовното вакцинирање да започне на почетокот на 2021.

Сепак, извештајот на научниците предупредува дека тоа не е краток процес.

„Дури и кога вакцината е достапна тоа не значи дека за еден месец ќе се вакцинираат сите, станува збор за шест, девет месеци … Животот нема одеднаш да се врати во нормала во март“, вели Нилај Шах, професорка по хемиско инженерство „Империјал колеџ“.

Проценките на оваа професорка се дека само во Велика Британија, вакцинирањето би требало да се одвива со темпо 10 пати побрзо од сезонското вакцинирање против грип и за тоа би требало да се ангажираат околу 30 000 здравствени работници кои ќе работат со полно работно време.

Инаку, како што наведува „Би-би-си“, во светот моментално тимови од научници работат на развивање на дури 200 вакцини против коронавирусот.

 

Поврзани новости