Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, словенечкиот европратеник Иво Вајгл смета дека целата Европска унија конечно го сфатила значењето на земјите од Западен Балкан, а доказ за тоа е неодамна претставената Стратегија за проширување на ЕУ кон оваа група земји.
– Мислам, дека стратегијата на Европската комисија е многу сериозен и стратегиски ориентиран документ, тоа не е обичен годишен извештај, тоа е стратегија за идните десет години. Мислам дека тоа зборува дека целата ЕУ, цела Европа го сфати значењето на Западен Балкан, а во срцето на Западен Балкан се наоѓа и Македонија – вели Вајгл за МРТ.
Тој нагласува дека од самиот документ е видливо дека поддршката која ЕП и ја дава на Македонија во изминатите години се претвори во некаков стратегиски интерес и трајна ориентација на ЕУ сите држави од Западен Балкан да станат членки.
Вајгл потсетува дека сегашниот позитивен развој во Македонија почна порано и дека тој треба да се зачува со конструктивно партнерство меѓу владината коалиција и опозицијата.
– Во расправата ние истакнавме дека Македонија не е од вчера, туку дека позитивниот развој кој го забележавме по последните избори со новата Влада е граден врз достигнувањата од претходните периоди и дека не треба да се создава впечаток дека сè почна вчера. Но тоа што е исклучително важно е Собранието во Македонија да создаде атмосфера на нормална демократска соработка и натпревар на идеи, но се треба да биде поврзано со интересот на државата – вели европратеникот.
– Не е можно да се замисли работата на Парламентот да биде ефикасна и прифатена од ЕУ и од нејзините држави, ако опозицијата ја бојкотира работата. Секогаш ја истакнувам одговорноста на владејачката коалиција дека треба да и даде признание и чувство на конструктивен партнер на опозицијата, особено ако е толку многу силна, како што е силна во Македонија. Според ова одговорноста за конструктивната работа во Парламентот ја имаат двете страни – додаде тој.
Вајгл не крие дека сега постои оптимизам за можниот напредок на Македонија во евроатлантските интеграции.
– Јас сум голем оптимист. Верувам дека проблемот со Грција нема да биде онаа бариера преку која Македонија нема да може да помине. И на пленарната дебата јас истакнав дека земјите кои се членки на ЕУ не смеат да бидат пречка, да вршат притисок или да ги уценуваат државите кандидати. Тука се разбира мислев и на македонските соседи и мислам дека тоа беше и така сфатено – нагласи европратеникот.
Во тој контекст Иво Вајгл посебно инсистира на храбрите потези кои ги прават Скопје и Атина.
– Ме радува тоа што меѓу Скопје и Атина се разви еден култивиран и конструктивен дијалог и се надевам дека сето тоа ќе води кон резултат и дека нема улицата и демонстрациите во тоа да играат пресудна улога. За чекори кои водат напред потребни се храбри и одговорни политичари и оние кои нема да се уплашат од демонстрациите пред нивните канцеларии – додаде Вајгл.
МИА