Неформалната организација „Протест против убиството на Онкологија“ попладнево преку објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика граѓаните да излезат на нов, втор по ред протест во врска со случувањата на Клиниката за онкологија за наводите дека се краделе терапии за болни од рак и на пациентите им бил даван физиолошки раствор што ги објави „Фокус“, а истражните органи поведоа постапка за овој случај.
Покрај најавата за протест од организацијата прашуваат и дали поранешна директорка на Клиниката за онкологија е дел од шемата за крадење лекови.
-Според нашите информации, во шемата каде пациентите плаќале и до 4.000 евра лек, била инволвирана и поранешна директорка на Клиниката за Онкологија. Оваа директорка во минатото добила кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ поради предизвикана штета на Клиниката за онкологија од неколку милиони евра. Најстрашното е што токму оваа директорка се уште работи на Клиниката за Онкологија!,
Исто така, го повторуваме нашиот ултиматум во рок од една недела ОЈО да излезе со детали до каде е истрагата, со цел повторно одредени партиски ликови да не бидат заштитени од кривичен прогон. Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестот во понеделник, кој ќе се одржи од 18 часот пред Влада, се вели во објавата.