За в петок е закажан состанок на незадоволните тутунари со откупувачите, а ќе посредува Министерството за земјоделство за да се најде решение за проблемите и реален откуп на тутунот, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа по денешниот состанок во Прилеп со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари.
Тие деновиве протестираа и побараа средба со министерот. До петок нема протести на тутунарите, ниту откуп на тутун на пунктовите.
Министерот Хоџа ги разбира маката и незадоволството на тутунарите кои цела година работеле и бараат реално да им се откупи тутунот. Подготвени сме, како што рече, активно да посредуваме за да се најде решение.
– Тутунарите ветија дека ќе ги стопирата протестите. Тоа е доказ дека двете страни се подготвени да седнат и да изнајдат решение. Ние како Министерство активно, преку посредувањете се вклучуваме за да се најде решението. Тутунот е стратегиска култура, државата го субвенционира и 30 отсто од сите средства за субвенционирање одат за тутунот. Договоривме в петок да ги повикам на состанок двете страни: и незадоволните тутунари и откупувачите. Ако има договор в петок, ќе се одвива целиот процес на откупот на тутунот. Ако нема, ние ќе се обидеме, максимално врз основа на нашите ингеренции да постапиме и успешно да се заокружи оваа година, без разлика на овие проблеми во почетокот, зашто од целата договорена реколта од 23.000 тони, само 300 тони се откупени што е 1,5 процент. Верувам дека ќе се изнајде решение, изјави Хоџа.