Николовски: Русија има влијание врз референдумот и тоа е предмет на истрага, сепак факт е дека во модерниот свет војна не се води со кама и револвер

by Fokus

Една недела пред референдумот, директорот на УБК Горан Николовски во отвореното Студио 1 вели дека не постои директна закана врз безбедноста на Република Македонија.

-Граѓаните може да бидат спокојни, сето ова што оди е во друга сфера, на поголеми геостратешки интереси, каде што Македонија треба само да ги следи своите интереси, потврди тој.

Тој смета дека негативната кампања што се поврзува со Русија не е од неодамна, туку трае со години.

-Некаде до 2008 Русија немаше ништо против зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ. После тоа се менуваат ставовите, почнувајќи со изјавите на господинот Лавров, каде што вели дека немаат против зачленување во ЕУ, но имаат против зачленување во НАТО, потсетува Николовски.

Според него, Русија секако дека има влијание, но како и колку е организирано е актуелна истрага. Како што објаснува, во модерниот свет војната не се води со кама и со револвер, па ние да се колнеме на нив, туку глобалните сили ја водат преку екранот на допир.

-Што е тоа што ние го гледаме на теренот во Македонија? Секако дека гледаме организиран настап на социјалните мрежи, којшто оди во правец на намалување на излезноста на референдумот, на неуспех на референдумот, нешто што понатаму би повлекло една друга низа на настани. Пред се лажни вести или полувистинити, објаснува Николовски.

Ситуацијата во Македонија е јасна уште од 1993, кога Собранието ги донесе стратешките цели на државата, меѓу кои и НАТО интеграции, поддржани од над 80% од граѓаните. 25 години потоа, последните анкети ја покажуваат отприлика истата бројка, нагласи Николовски.

Поврзани новости