Во многу земји од Европската унија постои вистинска борба за основните прехранбени производи. Светските медиуми јавуваат дека Европа, две години по недостатокот предизвикан од пандемијата на корона вирусот, повторно е погодена од панични набавки предизвикани од војната во Украина.
Војната во Источна Европа ги зголеми цените на храната на глобално ниво бидејќи Русија и Украина произведуваат огромен дел од светските земјоделски залихи.
„Фајненшл тајмс“ се повикува на податоци од Здружението на индустријата за преработка на маслодајни семиња во Германија, според кои речиси 90 отсто од лененото семе преработено во ЕУ се увезува. Здружението проценува дека војната во Украина најверојатно ќе предизвика недостиг на масло за јадење и сточна храна, што ќе биде многу тешко да се замени на краток рок.
Ситуацијата во Македонија е специфична бидејќи ние зависиме во најголем дел од увоз, така што како земја економски не можеме многу да направиме промени, но сепак досега од владата јавно потврдија дека имаме доволно залихи од пченица .
-Она што е вашно е во денешно време да се покаже солидарност, да се мисли на сограѓаните, да се мисли на потрошувачите бидејќи сите се наоѓаме во една сериозна криза и со храна и со енергенси и потребно е заеднички да ја пребродиме, а не да се прават непотребни залихи од производи. Што ако дома имате 20 килограми брашно, што ќе правите со тоа брашно и што сте заштедиле вели за „Фокус“ професорот Ванчо Узунов.
Според него, точно е дека Русија и Украина се најголемите житници во Европа, но што може да направи Македонија како земја?
– Ако купиме поголемо количество на жито што ќе правиме со тоа, само непродуктивен трошок, а истото важи и за домаќинставата, сега е потребно да се купуваат само неопходни производи, туку да се штедат парите бидејќи има неизвесност кои добра ќе ни притребаат. Во време на криза државите употребуваат различни економски механизми, но во принцип подобро е да ги оставиме цените да се движат слободно, а да ги помогнеме најранливите категории додека пак сите останати да штедат. Цените на производите кај нас најмногу растат бидејќи сме зависни од увоз, а тие земји од каде увезуваме не ги интересира нашиот стандард, вели Узунов.
Тој додава дека ако оваа војна трае передолго или некаде до есен не само Македонија туку и Европа и целиот свет ќе има уште посериозни проблеми и со храна и со енергенси.
-Потребно е сега обединување и соработка со соседните земји, да се исклучат несогласувањата за да може целиот регион на Западен Балкан да преживее, а сите да се сетиме на солидарноста, коментира Узунов.
Цените на лебот, тестенините и месото веќе растат во Италија, која увезува голем дел од пченицата од Источна Европа и 80 отсто од сончогледовото масло од Украина, како и големи количини пченка што се користи за добиточна храна.
Министерот за надворешни работи на ЕУ, Џосеп Борел, неодамна ги повика Европејците помалку да го користат системот за греење, за да ја пресечат како што рече „папочната врвца со Русија“.
Австрија се обидува да го надмине ефектот на бумеранг од западните санкции против Русија, меѓу другото, правејќи леб од конзерва. Рокот на траење на овој леб, кој е мешавина од повеќе видови житарки, е најмалку десет години.
Соња Танеска